Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, чиј организатор е Општина Кочани, го популаризира оризот – симболот на кочанскиот крај. Таа е спој на традицијата и современиот уметнички израз и приказ на патот на оризот од нива до трпеза.
Оваа манифестација ја чува традицијата во оризопроизводството. Духовното и материјалното културно наследство се пренесува преку песната, орото, народните обичаи, традиционалната кујна, изложувањето на старовремски предмети и алатки за обработка на ориз.
Идејните рамки на програмските активности се во фолклорот и традицијата, а оризот – кочанското бело злато е лајт-мотив на манифестацијата. Во културните содржини на манифестацијата се настојува на автентичен начин традицијата да се спои со современата естетика.
„Деновите на кочанскиот ориз“ со својот меѓународен предзнак се повод за нови пријателства, преку гостувањата на официјални општински, стопански и културни делегации од различни држави, во времето на собирањето на родот од кочанските полиња – најчесто во последната седмица од септември и првата во октомври.
Првата манифестација посветена на оризот се одржала 1992 година, кога со одлука на Собранието на Општина Кочани бил формиран првиот Одбор за организација. Во рамките на дводневното празнување, на 21 и 22 октовмри се одржал Фестивалот на детско поетско творештво „Октомвриски искри“ и поетската вечер со Светлана Христова Јоциќ, а Друштвото на ликовни уметници од Кочани ја приредило својата прва групна изложба.
Денес содржините од манифестацијата се распределени во две седмици, а централен настан е презентацијата на традиционалната, рачна жетва на ориз на нивите во Кочанско. Настаните од манифестацијата, Општина Кочани ги објавува во печатените билтени „Денови на кочанскиот ориз“, на македонски и англиски јазик.
– Манифестацијата ја осмислуваме во текот на целата година.Ќе настојуваме да внесеме повеќе содржини во истата, ќе имаме гости и делегации од збратимените градови со Кочани од повеќе европски држави. На оваа манифестација ќе се обидеме да ги обединиме традицијата и современиот уметнички израз, најави градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
Вообичаено, во рамките на манифестацијата се избера и жетварска убавица, додека традиционалниот обичај зажнејување се изведува на нива во Кочанско Поле. И годинава се одржува меѓународниот фолклорен концерт со учество на десетина ансамбли од повеќе европски држави и Македонија, кој се одржува во Паркот на револуцијата.Учество земаа повеке реномирани лица од домашната естрада.