Во своја држава не си свој. Те туркаат и ти ставаат сопки. Наидуваш на затворени врати, или пак добиваш лажно ветување, не бери гајле ќе биде.
Да , ќе биде ама кога?
Се бидна, се направија, прекрасно ги скроија костимите , но она што го ветија го нема никаде, летна во воздух.
Па ние всушност сме богата држава.
Два јазика, две имиња.
А песната вели ЕДНО ИМЕ ИМАМЕ во душата го носиме за тебе живот даваме О МАКЕДОНИЈО.
Во душата да го носиме, но животот ние не го дадовме.
Го дадоа животот нашите предци, херои, Гоце, Даме и ред други кои сега се превртуваат во своите гробови .
Е моја чудесна земјо.
500 години под ропство- издржа, нo сега те предадоа.
Сега македончињата во наводници не сакам да ги споредам со пиреј, лесно се откорнаа, се откажаа, не сакам да цитирам ниту еден македонски автор, ниту една реченица која ја опишува храброста на денешните Македонци.
Во држава- држава.
Турни лево, турни десно, молчи си, трај си.
Вака веќе не бива.
Молчиме а потоа се лутиме зошто тие а не ние?
Нема соживот.
Не го почитуваме своето јас.
Секој наш глас е ветер и магла.
Гледаме телевизија и плукаме но ниту еден не се соочува со проблемот.
Македонија-некогаш и сега.
Верував дека ќе биде подобро, дека ќе го снема црнилото.
Но ко црно семе да е посеано по нас, или некој не’ проколнал, или не знам што.
Во своја држвата не нема. Те тапкаат и те доведат до дното.
Заминуваш со еден куфер од својата држава некаде далеку.
Од својот дом зборовите те бркаат, те брка неправдата , те брка маката на своите предци , оставаш се и со само една воздишка заминуваш.
Нека остане се на предавниците и нека се насладат на она кое остана.
Нека бијат камбаните, нека ечи тапанот , и нека се игра тешкото на излез од тука.
Јас сум црна овца меѓу белите, но без обетка на увото.
И нека се слушне далеку дека меѓусебе се продадовме , не се заситивме ниту најадовме.
И нека се знае дека веруваме на лагите и се надеваме за подобро утро.
Пред ветувањето потврдуваме со главата…
Се буни секој дел од нас , вели ЗОШТО… вели ДО КОГА?
Принудени да сме неми и глуви…
Принудени да веруваме , и сами себе си да се лажеме покрај тоа што ја знаеме вистината, или барем мислиме дека знаеме.
Колку знаеме, уште толку повеќе НИЕ НЕ ЗНАЕМЕ.
Нашите прашања се безвредни, не не слуша никој, и си зборува она што му одговара. И да секој би го направил истото, би ја свртел чешмата на своја страна.
Јас пишувам, не зборувам. Ако би зборувала сигурно гласот би ми треперил, вака е полесно.
Гледам на сите четири страни што се случува и можам да кажам дека сме на прагот помеѓу лудило и нормалност…
Што вие би кажале на тоа дека брат со брат не зборува?
Во какво време живееме ? – Ако можам да добијам одговор, ме интересира .
Што направија, што направивте, што ќе правиме ?
Време е за ново утро и ново време, еден нов поубав живот.
Секој почеток има свој крај. Пристигна часот кога треба да се почне отпочеток, часот кога сонцето ќе изгрее над Македонија , време кога секој човек ќе ужива во своита права, време во кое секој ќе го добие онаа кое што го заслужува, сечиј труд ќе биде награден, секој ќе го има заслуженото работно место, а не подарено од вујко или чичко. Време е за еднаквост, за будење во нов свет, во поубаво место.
Сите ние заслужуваме поубав живот, бидејќи навистина животот стана многу краток и дури трепнеме ние сме на прагот на староста, и зошто јас како средношколка и идна студентка да не го помнам оваа време како убаво, зошто не би уживала во секоја година, зошто да поминувам низ бурата, кога сонцето е над нас …
Зошто?
Немаме време да се мразиме, да се труеме и туркаме едни со други, болестите на 21 век ни’ го одземаат времето.
Ние сме едно, ние сме МАКЕДОНИЈА.
Пишува: Ана Љубиќ