Граѓаните на Штип деновиве масовно се вклучени во хуманитарната акција за помош на малата Валерија Зафирова која боледува од тумор на мозокот. За нејзината операција во Турција се потребни 40.000 евра кои семејството не е во можност само да ги обезбеди. Денес кон донаторската акција се приклучи и градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски кој донираше 30.000 денари. Тој за медиумите изјави:
-Во однос на донациите кои се прават изминатите денови за малата Валерија, како општина се вклучивме во оваа акција и горд сум што штипјани покажуваат сплотеност за да соберат финансии за лекување на малото девојче. Јас денес се вклучив и лично донирав 30.000 денари на сметката на родителите на Валерија. Вчера во општината средства собираа луѓе од Црвен Крст а веќе денес имаме список на вработени во локалната самоуправа да по своја желба, колку можат да помогнат. Како што гледам има расположение за поддршка. Утре ќе дадам налог да се пуштат средства и од општинската сметка, тоа е некаде околу десетина илјади денари, како што е пракса и порано. Тоа е нешто со кое во овој момент може да помогнеме. Ние ќе се вклучиме и во други активности со поддршка за да се соберат средствата кои се бараат.
Во акцијата денес се вклучи и општинската администрација а Бовчварски истакна дека ќе направи напори и советниците да го донираат својот паушал за помош на малата Валерија.


