Порталот F2N2.mk (Fighting Fake news narratives) (МК: Борба против наративи со лажни вести) во јавноста во своја статија го квалификуваат нашиот портал Брегалнички.мк како “портал со дезинформативен наратив”.
Имено во статијата под наслов “КАКО СЕ РАШИРИ ЕПИДЕМИЈАТА НА ЛАГИ ЗА 5Г ТЕХНОЛОГИЈАТА” без потпишан автор под текстот нашиот портал е спомнат со хиперлинк до наша статија тенденциозно и злонамерно во насока за оцрнување на нашата работа од јавен интерес, со цел за предизвикување на штета на нашиот углед и доверба кај читателите, како предмет на анализа од страна на F2N2.mk во именуваниот текст.
Пасусот од текстот во чиј што контекст нашиот портал е спомнат на порталот F2N2.mk е следен:
“На 26 март ФБ групата “Фармери” објавува слика од мртви птици со прашање дали некој знае што се случува со птиците. Следат коментари меѓу кои и такви за тоа дека причина за смрта на птиците е 5G технологијата. Постот од оваа група и коментарите со акцент на 5G технологијата се “инспирација” за “новинарско истражување” за 16 портали меѓу кои некои се добро познати на јавноста по нивните анти-НАТО наративи како и чести пласирања на лажни вести. Насловите со мали варијации изгледат вака: “ШТО СЕ СЛУЧУВА?: Помор на птици низ Македонија – фармерите алармираат на опасност”. Следните портали беа дел од овој дезинформативен наратив: (1) Bregalnicki.mk; (2) Infomax.mk, (3) Denesen.mk, (4) Vesnik.com, (5) Republika.mk, (6) Skopje24.com.mk, (7) Vecer.mk, (8) Kurir.mk, (9) Ulica.mk, (10) Think.mk, (11) Skopje1.mk, (12) Shilomagazine.com.au, (13) Objektivno24.mk, (14) Novlist.mk, (15) 4news.mk , and (16) Dubai-portal.com.mk.”
Насловот на нашата статија објавена на 26.03.2020 година која што е предмет на ова т.н. истражување е ГРАЃАНИ ПРЕКУ СОЦ. МРЕЖИ ЈАВУВААТ ЗА ПОМОР НА ВРАПЧИЊА ВО РАЗЛИЧНИ МЕСТА ВО ДРЖАВАТА.
Во овој наш текст ја информираме јавноста за појавата на фотографии со угинати птици кои се пласирани во именувана фејсбук група проследени со дискусија од страна на повеќе корисници на социјалната мрежа за мислењето на тие корисници за причините за оваа несакана појава.
Дополнително во нашиот текст со надеж за подигање на свесноста за ваквата појава упатуваме апел до стручни и надлежни институции и поединци да се позанимаваат со оваа појава како официјално би ја коментирале истата, со оглед на бројноста на над 40.000 членови на оваа фејсбук група, поради смирување на ситуацијата и спречување на развој на дискусијата во несакан правец и ширење на неоснована паника во јавноста.
Од за нас непознати причини порталот F2N2.mk сметаме дека шири лажни и тенденциозни манипулации во јавност кои што директно влијаат на нашата работа и предизвикуваат нарушување на нашиот углед и имиџ на работа како и нарушување на довербата кај нашата читателска публика.
Од тие причини бараме директно извинување од страна на авторот на текстот и порталот F2N2.mk објавено на соодветен начин во соодветен обем и формат како што е објавена нивната тенденциозна статија на именуваниот портал.
Дополнително информираме дека оваа наша реакција ја упатуваме и до Американската амбасада која што делумно го финансира проектот f2n2.mk.
Дополнително бараме извинување од порталот ден.мк кој што го има превземено овој погоре споомнат текст од порталот F2N2.mk, објавено на соодветен начин, во соодветен обем и формат како што ја имаат објавено ваквата тенденциозна статија во нивниот портал во текстот именуван под наслов Како се раширија лагите и дезинформациите за 5Г мрежата?