СДС реши да им го укине појадокот на студентите во трите најголеми студентски домови во Скопје. Надлежните молчат, раководните луѓе од домовите, исто така. Сите се прават на три и пол, и не одговараат на едно многу просто прашање зошто студентите се ставени на принудна диета, и кој тоа одлучи студентите да бидат на диета? Дали овој потег е во согласност со веќе демонстрираниот политички концепт на СДС, колку повеќе се укинува, толку подобро за партијата, или некој надлежен во МОН навистина решил да си игра мајтап со студентите кога одлучил да ги прегладнува на ваков начин? Дали укинувањата во образованието што до сега беа видени се навистина во функција да дојде „подобар живот“ во македонското образование, или раководните луѓе во МОН го имаат изгубено и последниот компас за сопствена ориентација па веќе и не знаат што прават?Дојде ли животот?
Кој одлучи да ги стави на принудна диета студентите по студентските домови и зошто?
МОН мора да им одговори на студентите, а не да се крие зад ѕидовите и да се преправа дека не ги слуша секојдневните остри реакциипротив ваквата мерка. НаМОН мора да му стане јасно дека еден оброк помалку во денот за секој студент значи голем товар за нивниот и онака крпен студентски стандард на месечно ниво. Фалбите што стигнуваат од МОН дека предвидуваат нови 35 милиони денари за подобрување на студентскиот стандард се многу гуски во магла.
Нелогично е, од една страна, да се преземаат чекори со кои студентите буквално се оставаат гладни, а од друга страна, да се зборува дека надлежните прават сė да гоподобрат студентскиот стандард во земјата. Не знам дали надлежните не сакаат или не можат да сфатат дека два оброка дневно за млади луѓе како што се студентите се под егзистенцијалниот минимум. Два скромни оброка, колку што добиваат во текот на денот, се премалку да се задоволат основните потреби за храна на студентите, а да не зборуваме за нешто повеќе.
Каде МОН го наоѓа нзс-то во чинот на укинувањето на појадокот, и давањето на само два скромни оброка во денот на студентите, од една страна, и нивните фанфарни фалби дека правеле напори за зголемување на студентскиот стандард во земјата, од друга страна. Зарем навистина не можат да сфатат колку самите се ставаат во тежок офсајд од кој ниту можат да излезат, ниту можат да се оправдаат.
Или, пак, од трета страна, можеби се убедени дека со воведувањето на оваа принудна диета студентите ќе добијат влезница во трендовскиот стил на студенти манекени и манекенки напоени со „реформистичкиот“ есдеесовски поглед за „подобар (пошланг) живот за сите“ во земјата, во стилотколку си послаб, толку си повеќе „ин“.
Дали според МОН трошоците за храна на студентите не треба да бидат сметани како параметри во дефинирањето на студентскиот стандард? Веројатно во МОН имаат проблем да определаткои се клучни параметри кои го определуваат студентскиот стандард на живеење. Дали според надлежните, трошоците за редовна и квалитетна храна прилагодена на потребите на младите не се дел од дефиницијата на студентскиот стандард?
Ако според МОН студентскиот стандард не ја вклучува и исхраната на студентите, тогаш што побрзо треба да си купат компас, затоа што вака со молчење ништо не правиме. Вака испаѓа дека МОН се грижи за подобрување на студентскиот стандард на идентичен начин како што се грижи за основците да добијат поквалитетно образование. МОН ги остави на цедило и децата во основното образование откако одлучи да ја укине Кемриџ програмата без при тоа да им понуди подобри образовни решенијаза нив.
Реформи во ниту една сфера не се прават само со едноставно укинување на мерките и програмите затоа што биле направени од претходната власт. За прост инает.
Без конкретни предлози на нови и поквалитетни решенија ниту еден потег со кој нешто се укинува не е реформски, туку антиреформски. Ако реформата на СДС за подобрување на студентскиот стандард подразбира диета за студентите аман ве молиме прекинете ја реформата. За студентска диета не е потребен МОН!