Многу одамна, на печалба во Кина бил еден човек по име Кочо. Работел што работел, по долги години решил да се врати во родниот крај. Бидејќи во Кина оризот бил основна храна, на заминување решил со себе да понесе и ориз со надеж дека оваа земјоделска култура ќе успее во неговиот крај. Со себе понел мала количина од ова бело злато со цел лесно и без проблеми да го пренесе од царство во царство. При влегувањето во царството во кое се наоѓало и неговото родно место наишол на проблеми: оризот бил забранет за внесување во каква било форма. Сепак, Кочо не сакал да се откаже од намерата да го внесе оризот. Се мислел и на крајот се сетил. Дознал дека гуските како трговска стока не биле забранети за внесување. Купил гуски, им го дал оризот да го изедат, а потоа ги заклал. По влегувањето ги очистил и од нив го извадил оризот. Така Кочо го пренел оризот од Кина, започнал да го произведува, со што му дал нов белег и култура на овој крај, а според неговото име, местото каде што започнал да се одгледува оризот – го добило името Кочани.
Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ издадена во 1896 година, запишал едно друго предание и легенда за настанокот и потеклото на името на градот Кочани. Имено, градот Кочани некогаш бил погоре по реката на местото на село Гратче, а местото на сегашното Кочани било блато и по него паселе цели стада свињи. Тука биле „кочините“ (места во кои ги затвораат свињите) на граѓаните од кое што и новоосновниот град бил наречен Кочани Во некој бој жителите на градот биле исклани и се пролеала толку крв што од неа се образувала бразда во која се удавил еден јунец. После битката градот се преместил кај кочините и се нарекол Кочани