Петре М. Андреевски е еден од најзначајните Македонски писатели на сите времиња кој се разви во пост-воениот период после Втората Светска војна од т.н. втора генерација Македонски писатели.
Пишувал стихови, раскази, романи, драми и филмски сценарија.
Андреевски создаде дело што не само што ја смени свеста за литературата кај македонскиот читател, кое не само што иницира цели генерации што се угледуваа на тој модел, туку ја смени и македонската критичка свест. Својата вечна преокупација ја ситуира во родниот крај, но со тоа, не стана локален или регионален автор, зашто успеа преку универзализацијата на локалното, својот крај да го постави како центар на светот. Има широка читателска публика и неговата прозна композиција не е потпрена врз фабулата туку врз самиот чин на раскажувањето.
Особено за романите (како едно време за романите на Стале Попов) се вели дека се најчитани, т.е. бестселери кај народот. Романот Пиреј македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза (исто онака како што збирката Дениција ја означи како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината, и златна книга на македонскиот модернизам).
Има објавено и две збирки стихови за деца (Шарам барам и Касни порасни). И во песните за деца Андреевски е поет на метафората и на алузијата, на јазичната игра и носталгичната медитација.
Петре М Андреевски е роден во с. Слоештица, Демирхисарско, на 25. 6. 1934 година.
Починал на денешен ден (25. 9. ) во 2006 година во Скопје.
Петре М. Андреевски е поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Долги години работеше како уредник во Македонската радио-телевизија. Беше член на МАНУ, на Друштвото на Писатели на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар.
НЕГОВИ ДЕЛА СЕ:
-збирки поезија: Јазли (1960), И на небо и на земја (1962), Дениција (1968), Дални наковални (1971), Пофалби и поплаки (1975), Вечна куќа (1987) и Лакримариј (1999);
-збирки раскази: Седмиот ден (1964), Неверни години (1974) и Сите лица на смртта (1994);
-романи: Пиреј (1980), Скакулци (1983), Небеска Тимјановна (1988), Последните селани (1997) и Тунел (2003);
-драми: Време за пеење, Богунемили (1984), Бежанци (2007, постхумно).
Тркалезни форми
Петре М. Андреевски
(Пофалба на жената)
Тркалезни ти се очите
и местата од кај што ме гледаш,
управувајќи со моите движења.
Тркалезна ти е устата
што ги оданочува зборовите
и што ја прославува насмевката.
Тркалезни ти се рамената
и тркалезен ти е вратот
што е единствено скеле од каде
сета татковина е видлива.
Тркалезни ти се дојките
што се подвижни камбанарии
и подигнати пушки од заседа.
Тркалезни ти се брадавиците
и медното саќе на нив
и млечниот рудник, првата почва,
првата средба со исхраната.
Тркалезни ти се слабините,
тркалезно што се шират,
рамномерно што се враќаат.
Тркалезна ти е половината
и ветрот што се врти околу неа,
како колцето околу оската,
како преѓата околу вретеното.
Тркалезен ти е папокот
што е лузна на раѓањето
и сеќавање на точката
откај што тргнал животот.
Тркалезни ти се колковите
од кои се одбива светлината
што е единствено вратниче
за во мракот и за в помрачина.
Тркалезни ти се колената
што ги чекам да ми проговорат
и тркалезни ти се петиците
што те одделуваат од земјата.
Тркалезна ти е прегратката
кога ме љубиш, кога те љубам
и тркалезна ти е солзата
кога од мене се разделуваш.
Тркалезна ти е трпезата
на која ручаш и вечераш,
а и лебот и садовите,
ко трпезата се тркалезни.
Тркалезно ти е јаболкото
што го честиш со устата
и тркалезно е виножитото
во лубеницата што ја отвораш.
Тркалезна е водата
што ја зафаќаш со грстите
и водата кога ти прави место,
помагајќи ти да се искапиш.
Тркалезно е и семето
што го засејуваш во нивата
и тркалезен е надолу патот
по кој слегува неговиот корен.
Тркалезно е сонцето и сончогледот
што изгрева заради тебе,
заради твоите тркалезни форми
без кои и јас не знам кај би гледал.