Темелно истражување за пристапноста и инклузијата на судовите што го направи Здружението „Отворете ги прозорците“ покажува колку малку се обрнува внимание на лицата со посебни потреби тогаш кога треба да ја бараат правдата Темелно истражување за пристапноста и инклузијата на судовите што го направи Здружението „Отворете ги прозорците“ покажува колку малку се обрнува внимание на лицата со посебни потреби тогаш кога треба да ја бараат правдата .
Ниту еден суд во земјава нема држачи на ѕидовите во ходниците за полесно движење на лицата со телесна попреченост, ниту еден суд нема пристапен тоалет, ниту еден суд нема пристапност за лицата со оштетен вид и слух, ниту еден суд не води евиденција за бројот на тужени или, пак, за учеството на лицата со попреченост како тужители во судски процеси – ова се само дел од заклучоците од истражувањето за пристапноста и инклузијата на судовите што го спроведе Здружението „Отворете ги прозорците“.
Поразителни факти се на повидок откако ќе се види каков пристап до правдата имаат лицата со попреченост во судовите во земјава.
Истражувањето е направено во периодот од јануари до март годинава и опфати 32 судa. Било спроведено анкетно истражување преку доставување прашалник до институциите. Во улога на истражувачи беа вклучени и лица со попреченост во насока на паролата „Ништо за нас, без нас“, кои теренски ги посетија судовите и спроведоа интервјуа со контакт-лицата предложени од овие институции – вели Радмила Стојковска-Алексова, раководителка на Центарот за асистивна технологија при „Отворете ги прозорците“.
Физички недостапни
Во однос на физичката пристапност на судовите, само во четири суда има внатрешен лифт за движење на лицата со попреченост помеѓу катовите. Во најголем дел од судовите (16) велат дека просториите во кои се обезбедуваат услуги за лицата со попреченост се лоцирани на приземје, а во 12 велат дека не се направени значителни адаптации со кои се олеснува движењето на лицата со попреченост во внатрешноста.
Во најголем дел од судовите (12) досега не се направени никакви адаптации со кои се олеснува пристапот за лицата со оштетен слух. Само една четвртина од судовите обезбедуваат толкувач на знаковен јазик за потребите на лицата со оштетен слух, односно 34% од судовите сметаат дека нема потреба од обезбедување на оваа услуга бидејќи лицата најчесто доаѓаат со придружба. Само еден суд смета дека лицата со оштетен слух може да ги користат услугите без толкувач на знаковен јазик.
Слична е состојбата и со адаптациите за лица со оштетен вид. Најголем дел од судовите (56%) не направиле никакви адаптации со кои се олеснува движењето на лицата со оштетен вид, а 14 (44%) имаат назначено лице кое ги придружува лицата со оштетен вид што користат услуги во судот. Ниту еден суд нема обезбедено тактилна патека за движење на лицата со оштетен вид, ниту пак ознаки на Браево писмо.
Дури 29 суда не водат евиденција за бројот на лица со попреченост кои досега ги користеле услугите на судот, односно ниту еден суд не води евиденција за учеството на лица со попреченост во судските процеси. Еден од судовите вели дека има посебен образец за евиденција на лицата со попреченост, а два суда се изјасниле дека се подготвени да водат евиденција, но досега судот сѐ уште не го посетиле лица со попреченост.
Недостигаат лесно читливи материјали
На прашањето за тоа со која категорија лица со попреченост судовите најчесто се среќаваат, тие велат дека тоа се лицата со телесна попреченост, лицата со интелектуална попреченост, како и лица со оштетување на видот и слухот. Досега ниту еден суд немал искуство со лица со аутизам.
-Интересен е следниот податок: наспроти тоа што судовите кои наведоа дека немаат евиденција за лицата со попреченост поради тоа што досега немале искуство во работа со лица со попреченост, во набројувањето на категории на лица со попреченост кои се обратиле и оствариле некаква услуга во судот наведуваат одредени категории со кои се сретнале во своето искуство. За да се овозможи полесна комуникација и поддршка на лицата со попреченост, дел од судовите имаат назначено контакт-лице за прашања и услуги поврзани со лицата со попреченост. Овие лица имаат учествувано на обука организирана од Министерството за труд и социјална политика. Според одговорите на судовите, 81% од судовите имаат назначено лице за контакт со лицата со попреченост – стои во извештајот.
Во однос на достапноста на информациите на лицата со посебни потреби, размислувањата на судовите се следните: 18 (56%) велат дека имаат веб-страница за која не се сигурни дека е изработена според стандарди за пристапност, односно 5(16%) велат дека нивната веб-страница ги задоволува стандардите за пристапност.
Ниту еден од судовите не навел дека обезбедува лесно читливи материјали, односно 14 суда велат дека информациите што ги нудат се пристапни за сите и нема потреба од дополнителни приспособувања. Осум сметаат дека информациите се достапни бидејќи ги објавуваат на огласна табла, а 9 велат дека досега не ги приспособувале материјалите.
Генерално, добиените податоци од анкетното истражување биле потврдени со теренските посети, велат од „Отворете ги прозорците“.
-Дел од наодите во анкетното истражување не се соодветни на реалната состојба, но сметаме дека тоа е последица од недостигот на информации и знаења за концептот на попреченост, пристапност и инклузија. Наодите на теренското истражување покажаа дека концептот за физичка пристапност не е доволно познат, ниту пак применет во овие институции. Постоењето на пристапна рампа на влезот на институција се перципира како пристапност, а притоа не се земаат предвид потребните, пропишани стандарди. Во овој дел, истражувањето потврди дека се присутни импровизации кои не секогаш се од корист за сите граѓани. Лифтот не секаде ги исполнува стандардите за пристапност во однос на можностите за влез со количка и користење на лифтот од страна на лице со оштетен вид – стои во извештајот.
Ниту еден суд не наведе дека не сака да работи со корисниците со попреченост, а сите велат дека имаат потреба од поддршка и обуки. Најчесто истакнуваат дека им се потребни обуки за препознавање на попреченоста и приспособување на односот кон лицата со попреченост.
Една од иницијативите, која постои во 81% од судовите, е назначување контакт-лице задолжено за лицата со попреченост. Во текот на теренските посети најчесто интервјуата беа спроведени со овие лица. Она што беше впачатливо е дека дел од овие лица се лоцирани на вториот или третиот кат во институцијата, каде што често нема лифт или, пак, пристапот е ограничен. Дел од нив на оваа функција се од неодамна и велат дека лица со попреченост од нив досега не побарале услуга. Сметаме дека тоа се должи на физичката недостапност, велат истражувачите.
Дел од судовите, 22%, истакнаа дека имаат вработено лице со попреченост. Интересен е фактот што во еден од судовите лице со попреченост е вработено како судија. Претставници од судот велат дека воопшто не го перципираат својот колега како лице со попреченост, напротив, велат дека е одлично вклопен и професионален во својата работа.
Слични податоци добиле и од останатите судови каде што лица со попреченост се на работна позиција судски соработник, курир. Најчеста услуга што судот ја нуди за лицата со попреченост е обезбедување толкувач на знаковен јазик. Оваа услуга финансиски ја намирува судот, а негова е и обврската да обезбеди толкувач. Кога станува збор за пристапноста на информации, досега судовите не размислувале за приспособување на постојните формулари и генералните информации кон потребите на лицата со попреченост. Концептот за пристапност на информации воопшто не е познат во оваа сфера.