Општина Чешиново-Облешево — општина во Источна Македонија. Општинско седиште е селото Облешево.
Историја
Историјата кажува дека денешната територијата на општина Чешиново-Облешево одсекогаш била центар на овој регион каде биле лоцирани органи на државната управа за секоја власт своевремено. Историските податоци кажуваат дека уште со формирањето на кралството СХС па се до крајот на Втората Светка војна овде било лоцирано седиштето на локалната власт на српските управители а подоцна и на бугарските кметови за време на Втората светска војна.
Со првиот закон за територијална организација на општините во Република Македонија од 1996 година на оваа територија постоеле две општини и тоа Општина Облешево и Општина Чешиново. Со законот за територијална организација од 55/2004, 12/2005 година општина Чешиново се припои кон општина Облешево во заедничка општина со едно име Општина Чешиново-Облешево.
Општина Чешиново-Облешево се наоѓа во најнискиот рамничарски предел од Кочанско Поле. Зафаќа простор во средното сливно подрачје на реката Брегалница, во подножјето на планините Осогово и Плачковица.Општината зазема средишна позиција помеѓу поголемите градски општини Кочани, Штип и Пробиштип. Преку главната сообраќајница Штип-Кочани-Делчево, општината се поврзува со Р. Бугарија.
Општина Чешиново-Облешево зафаќа територија од 133,5 км2, на која се протегаат следните населени места: Чешиново, Облешево, Соколарци, Спанчево, Теранци, Чифлик, Кучичино, Бурилчево, Уларци, Жиганци, Бања, Врбица, Новоселани и Лепопелци. Седиште на општината е Облешево. Целокупниот регион на општината е поделен на рамничарски дел- обработливо земјиште 6.618 ха и планински дел-шуми 1.045,3 ха. Просечната надморска висина во општината изнесува 338.Се до средината на минатиот век немаме пишани податоци за бројот на населението на територија на општина Чешиново-Облешево.Првите податоци ги сретнуваме дури во 1866 година, но и тие не се точни бидејки се дадени по проценка: за македонското население е даден вкупниот број а за турското-само за машкото население.Поточни податоци се сретнувааат некаде дури околу 1900 година.Денес на територија на општина Чешиново-Облешево живеат вкупно 7.490 жители (Попис 2002 година) изразено во домаќинства бројот изнесува вкупно 2.423 домаќинства или 2960 станови за живеење. Просечен број на членови на едно домаќинство изнесува 3,1. Според националната припадност на територија на општината живеат 7.455 македонци, 30 се влашко население 4 срби и 1 се изјаснил како останато.Од вкупниот број на жители 45,6% се активно население.Густината на населението изнесува 56,6 жители на 1 км2. Миграцијата село-град последните години е доста опадната и младото население останува во општината, барајки егзистенција во земјоделието.
- Руди и рудни богатсва
Неметалите во овој регион се изразени преку организираната експлоатација особено на опалската бреча (рудникот за неметали „Опалит“ Чешиново) која се употребува за додаток во цементот ; потоа опализираниот туф од „Неметали“ Чешиново со производната програма од прашкасти и гранулирани производи со широка примена во технологијата за вода, градежништво, гумарската индустрија, хемиската индустрија и др.; глина од индустријата за градежни материјали ИГМ „Брегалница“ Кучичино градежен камен (андезити, андезитски игнимбрити, габро кровни шкрилци), пескови и чакали експлоатиран воглавно од речните корита на реката Брегалница и Злетовска Река. Опалска бреча Составена е од силициумова киселина (опал). Минерали во нејзиниот состав се: калцедон, каолинит, хематит, лепидокрокит. Наоѓа широка примена во цементната индустрија.
Опализиран туф Припаѓа на групата на пирокластични стени. Изразито е лесен и доста хигроскопен, доста е дроблив и крт. Наоѓа широка примена во градежната, цементната, керамичката и гумената индустрија како и во индустријата за вештачки ѓубрива. Кварцни суровини Се произведуваат следните видови на кварцни суровини: високо квалитетни кварцови и кварцити. Наоѓаат примена во електрометалуршката и хемиската индустрија како и во градежништвото. Од металите забележано е присуството на бакарот, цинкот, оловото и железно-титанските минерали со карактер на минеролошки појави чие присуство е забележано во централниот Осоговски масив.
- Термални извори
Изворот во с.Бања во минатото претставувал каптажа во вид на обичен бунар соѕидан со камења, со длабочина од 2,30м и бил покриен со бетонска плоча отворена во средината за ослободување од водената пареа. Нивото на водата во каптажата се наоѓа на 1м под површината на теренот. Старата бања, примитивно изградена, се наожала до самата каптажа. Еден дел од водата од каптажата е спроведен во самата бања, а другиот во селската чешма која се наоѓа веднаш пред бањата. Денеска овде постои изграден бањолошки центар. За бањата е обезбедено доволна количина на термоминерална вода, која е со висока температура од 63˚С.
Лековитите својства на водата се исти со водата на Негорска бања. Така, констатирано е дека водата делува благотворно при лекувањето на следните болести: заболувања на жолчните патишта и жолчната кесичка, гинеколошки заболувања, воспаление на нервите, ревматични заболувања и други болести. Но најголем ефект со оваа вода како лековита е постигнат при лекувањето на чир на желудникот и на дванаесетпалачно црево.Оваа вода може да се применува и за инхалации, поради што може да има силно благотворно дејство на катаралните воспалувања на дишните патишта.
Во моментот бањолошкиот центар заради нерешените сопственички и управувачки права и односи не е во активна состојба, со што од една страна објектот е оставен на забот на времето, а потенцијалите за преотстапување на стопанисувањето од Владата на РМ, со што се надева дека наскоро ќе може да планира нов, современ развој на бањата.
Културно историски споменици
Дека овој крај бил многу густо населен во античко време покажуваат многу археолошки наоди и споменици.Меѓу археолошките материјали најчесто сретнуваме големи римски питоси, покривна и градежна керамика, фрагменти од други керамички садови, фрагменти или цели надгробни споменици и некрополи.
Големи римски питоси се најдени а и денес се уште се откриваат на повеќе места но ќе ги напоменеме локалитетите „Турски гробишта“ кај селото Бања-каде се откриени и цели антички згради, и „Градиште“ во близина на Спанчево.Антички скулптури и надгробни споменици се откриени и на локалитет кај с.Теранци, тоа е тркачки коњаник претставен во акција со хламида лесно подигната и набрана од ветерот. Околу нозете на коњот движењето го следи и едно куче. Споменикот денес се наоѓа во лапидариумот на Музејот во Штип.На 7км од селото Теранци се откриени исто така остатоци од бедем и неколку згради.
По својата местоположба и форма посебно интересно е градиштето во близина на селото Бурилчево. Местото е наречено „Пилаво“. Во него се откриени траги од бедем што опфаќал поголем зарамнет простор во кој останало многу градежен материјал и керамика. Овде се откопани и неколку римски питоси. Интересно за споменување е и градиштето над селото Соколарци. Од постарите зачувани цркви ќе ја споменеме таа посветена на Св.Архангел Михаил во с.Спанчево. Од стариот фреско живопис во олтарниот простор се зачувани светителите од „Великиот вход“ и „Богородица ширшаја небеса“.Стилската анализа на зачуваниот живопис укажува на времето од XVI до XVII век. Во XIX век црквата била преправана и доградена при што поголемиот дел од стариот живопис бил уништен. Од постарите цркви е и црквата „Манастириштето“ над с.Соколарци
Спорт и спортски манифестации
Од спортските манифестации вредно за споменување е одржувањето на Илинденски Спортски Игри Чешиново-турнир во фудбал, кој оваа година се одржа по 41ви пат. Турнирот односно манифестацијата трае еден месец 01.07-02.08 секоја година. На турнирот учествуваат екипи на Месните Заедници пошироко од Источниот регион. Покровител на игрите традиционално е општина Чешиново-Облешево. Оваа манифестација е од битно значење како за афирмирање на фудбалот воопшто така и за развивање на спортскиот дух кај младите. На полето на спортот активни се Фудбалските Клубови „Злетовка“ Жиганци, „Сокол“ Соколарци, „Плачковица“ Теранци, „Мак Млин“ Чешиново, „Ревија“ Чифлик, „ Слобода“ Облешево, „Брегалница“ Кучичино, „Правда“ Бања и „Опалит“ Спанчево кои се натпреваруваат во општинската лига.