Од крштевањето на Св. Јован во водите на реката Јордан па до ден денешен се празнува овој христијански празник, помеѓу христијанското православно население ширум светот.
На овој светол ден чествувањето од страна на верниците започнува повеќе денови пред тоа со препуштање на сопственото тело и сопствената волја на пост. Самиот ден започнува со света литургија во главниот градски храм Градска црква “Успение на Св. Богородица” во Делчево во сеслужителство на свештеници од делчевското архиерејско намасништво. Потоа во света народна литија светиот крст од оваа црква се носи на главниот градски мост на реката Брегалница во центарот на Делчево. По неговото осветување тој се фрла во водите на реката во која повеќе десетици верници истиот се обидуваат да го дофатат.
Најсреќниот пронаоѓач на светиот крст го носи истиот во црквата по што сите верници можат да идат и да се поклонат пред крстот.
За најсреќниот наоѓач на крстот следуваат симболични материјални награди од страна на донатори за црквата.
Во Делчево овој празник се одбележува во сите поголеми села (Град, Вирче, Разловци, Тработивиште, Ѕвегор, Габрово). Во село Разловци овој празник се одбележува на доста автентичен начин, што останал да се пренесува од генерација на генерација, од повозрасните жители на селото. Од рани мугри домаќините и домаќинките тргнуваат кон селската црква “Св. Цар Константин и царица Елена” во центарот на селото, каде се служи света литургија од страна на црковниот намесник во самата црква. По литургијата разловчани заедно со свештените лица се упатуваат кон секогаш ладната река Брегалница, каде најпрво се осветуваат водите на оваа река, најрано во целиот регион.
Во 2011 година за време на настанот се случи немил инцидент кога откако во водите на реката Брегалница беше фрлен крстот од страна на свештеното лице, настана подолготрајна турканица од страна на верниците кои беа влезени во водата, за да го фатат крстот.
По овој инцидент светиот крст не им беше даден на верниците на чување кај нив, туку беше оставен во црквата да стои за сите оние граѓани на Делчево кои сакаат да се помолат за здравје, тоа да го направат во самата црква.
Кликни тука за преглед на видеото од немилиот настан.
По овој настан во наредните години состојбата околу организацијата на истиот значително се подобри, со што празнувањето на Св. Богојавление-Водици во Делчево се празнува на најдостоинствен начин.
Превземено од Дестинација Делчево