Во околината на Разловци има остатоци од стари цркви што укажуваат на богат црковен и просветен живот во минатото. На почетокот на Долно Поле во месноста Клинчовица се наоѓаат остатоци од црква чие име е непознато.Според топонимот се нарекува црква на Кличовица. Кај монополската зграда во Рајанец се наоѓаат остатоците од малата црква „Св. Богородица“ која била оштетена од земјотресот во 1904 г. каде и денеска разловчани палат свеќи. Под неа има Света водичка. Во Селиште видливи се остатоците од црквата „Св. Илија“, каде разловчани до неодамна давале курбан на Илинден. Во Горно Поле кај Грамадите или Старото село била црквата „Св. Никола“. Таа имала долг и богат црковен живот. Сè до изградбата на новата црква разловчани го празнувале како ден на селото Свети Никола.
Често се случувало да не се одржи службата поради студеното време и големиот снег, како и оддалеченоста. Кај тогашниот свештеник поп Стојан викан Гушлоскиот поп ( затоа што неговата сестра Злата и братот Стоил имале гуша), се родила мислата за изградба на нова и поголема црква во селото. Идејата ја поддржале неговиот соселанец Цоне Спасев- Ингилизот, неговиот зет Стоил Ѓоргов како и Стоил Ковач од Ковачовци. Тие се обврзале материјално да ја помагаат изградбата. Како ктитори, нивните ликови се овековечени на фреските што се наоѓаат на западната страна од црквата до самиот влез.
Откако за локација на црквата била обезбедена нивата од Манчовци, во 1850 год. На општо задовоство на сите во селото започната изградбата на црквата.Турците уште на самиот почеток ја стопирале изградбата под изговор дека тука немало стара црква и не може да се гради нова. По извесно време, разловчани се досетиле и го зеле камениот крст од црквата „Св. Никола“ и го закопале во нивата, па пролетта пак почнале да градат. Турците повторно се обиделе да ја забранат изградбата, но разловчани се спротивставиле и одговориле : „Нашите стари велат дека тука имало стара црква. Ќе копаме и ако го најдеме камениот крст ќе градиме.“ Така и направиле. Го пронашле претходно закопаниот крст, па така градбата била дозволена. Во изградбата на новата црква учествувале сите што биле способни за работа. Мажите носеле камења, а жените во футите носеле песок. Најдобриот гајдаџија одел со нив свирејќи со својата гајда. Изградбата траела скоро 10 години. На иконата „Св. Константин и Елена“ ( подарена од Константин и Никола, син и внук на поп Стојан) стои натпис „ 10 декември 1850 год.“ Фрескоживописот го работел Василие Зограф од Струмица. На иконата на „Св. Богородица“ стои годината 1869.
Новата црква го добила името „Св. Константин и Елена“. Разловчани ја викаат „Цар Костадин и царица Елена“. Рамот на црквата постанал соборен ден, а во знак на стариот собор, разловчани го викаат Летен Никулден. Но, сепак, полека растел угледот на новата црква за сметка на старата.
Во Разловци има повеќе фамилијарни попски родови. Анџии, Ѓорговци, Ковачовци, Џаџовци, Сумраци. Сепак, најстар е родот Поповци од поколението на поп Стојан во кој и денеска се одржува семејната традиција. Покрај црковната, свештениците се занимавале и со световна- просветна и револуционерна работа. Тие ја пренесувале писменоста на своите најблиски во родот оспосбувајќи ги за идни свештеници.
Поради честите потурчувања, за спас на убавите девојки и невести била изградена калуѓерска зграда во која извесно време живеат неколку калуѓерки од Разловци и околината.
Во 1870 г. во малата калуѓерска зграда било отворено првото училиште во Разловци. Прв учител бил Дедо Костадин Спасевски- Даскало (1846-1941) г.). Така почнало и организирано да се шири просветата. И во своите постари години Дедо Костадин во својот дом ги учел младите да читаат, пишуваат, но и да пеат оспособувајќи ги за пејачи и идни свештеници. Неговото дело ќе го продолжи синот Теодосија- Даскало и неговата внука Перса Спасевска (ќерка на Теодосија), првата учителка од Разловци.
Со изградбата на новата црква и отворањето на првото училиште, разловчани имале можност почесто да слегуваат од колибите, да се дружат и да разговараат за своите маки и тешкотии. Полека растел угледот на црквата и просветата, зреела националната свест и рзловечкиот непокор. Сè повидливо било незадоволството од турските власти и нивните постапки. Поради многубројните давачки и честите делења на тапиите, тешко се врзувало крај со крај.
Во 70-те години од 19 век, Разловци е село со 100-ина мали и неваросани куќи. Најголемиот дел од населението од рана пролет до доцна есен живеело на колибите чувајќи ја стоката и обработувајќи ја земјата. Немало пристапни патишта и било одделено од другите населби, но и со слаба посета од турските власти.
Единствено олицетворение на турската власт во селото бил полјакот Алиман. Сам си црпел жито од селските амбари за да ја зоба својата сива атица. Од дрвената кула го набљудувал Горно и Долно Поле сметајќи се за апсолутен господар. Ги пречекувал и испраќал турските заптии, спахии и тапиџии, обебедувајќи им конак и добро гоштевање кај побогатите селани и кај коџобашијата, кој тогаш како поимотен селанец управувал со селото.
За потребите на турските бегови Алиман учествувал во бирање на девојките кои треба да се потурчат- предавајќи им ги на заптиите кои пак ги носеле кај беговите и пашите. Тој почнал и сам да се насладува, безчестејќи ги најубавите девојки и млади невести. Зачестиле крштевањата на деца чиј татко бил Алиман. Му се згнасило на поп Стојан од таквите крштевки, па му рекол: „Доста Алимане крштевах твои деца. Откажи се од таа работа!“
Алиман му одговорил: „Ќе се откажа кога ќе крстиш од штерка ти и снаа ти!“
Се влошиле односите помеѓу поп Стојан и Алиман.
Друг пат поп Стојан се враќал од росење, а Алиман седел на бунарот. Станал и со потсмев рекол: „Оди попе и мене да ме росиш сос таа китка по газо!“
Поп Стојан му одговорил: „Имам ја поубава ќитка за тебе сос која ќе те роса еден ден. Заповни. На ниедно буниште не појат два петла. Слушај Алимане, еден ден това, гулемо ќе стане!“
Продолжува….
Пишува: Димитар Узунски
Фотографиите во оваа статија се снимени во училишната зграда на подрчното Општинско училиште “Св. Климент Охридски” во село Разловци на 16.03.2010 година
Во продолжение прочитајте го првиот дел од нашиот фељтон посветен на Разловци и Разловечкото востание: