Белград, како и во 1961 година, повторно блесна во сиот свој сјај и деновиве ќе биде центар на светската јавност. Како во времето на Југославија и Тито, деновиве Белград ќе биде центар на светската јавност поради Самитот на Движењето на неврзаните. Во Белград присутни ќе бидат државници и високи владини делегации од 105 држави. Самитот е одлична реклама и маркетинг на Белград и на Србија и ќе доведе до зголемување на угледот на Србија на меѓународно ниво, за зголемување на трговската размена на Србија, зголемување на поддршката на Србија за Косово како и зајакнување на партнерството со 105 држави од светот. Србија како наследник на Југославија го поддржува континуитетот на надворешната политика на Југославија. Белград, градот на Дунав и Сава, на Калемегдан и на Књез Мијахлова, добива на геополитичка тежина.
-пишува Дарко Тодоровски на фејсбук
„Дождлив ден во Белград, но ден за гордоста на Србија. Пред 60 години, Неврзаните се собраа во Белград, денес е време да се обноват идеите за политичка независност и заедничко дејствување на слободните земји во светот. Среќен сум што сум на чело на Србија, која можеше и имаше сила да организира таков величествен собир“, напиша Вучиќ на својот инстаграм профил.
Како што соопштија од кабинетот на српскиот претседател, тој утре наутро со свое обраќање на Белградскиот саем ќе го означи свеченото отворање на Комеморативната седница на Движењето на неврзаните, по што ќе следи обраќање на шефовите на делегациите.
Во бројните билатерални средби кои уште од денеска ги има срспкиот државен врв, како теми се дискутира и за косовското прашање и почитувањето на територијалниот интегритет на Србија, а на средбата со министерот за надворешни работи на Индонезија, Ретно Марсуди, претседателот Вучиќ ја поддржа идејата на претседателот Џоко Видодо, архивата на Движењето на неврзаните од времето на нејзиното основање во 1961 година да биде номинирана на списокот за светско наследство на УНЕСКО, соопштија од кабиннетот на Вучиќ.