Граѓаните на Штип изминатите неколку денови па и денес се соочуваат со проблем наречен немање на вода во нивните домови. Како причина на овие проблеми е големиот број на дефекти кои се појавија во водоводната мрежа и нивното ненавремено санирање. Поради овие причини веќе неколку денови мака мачат жителите на централното градско подрачје, населбите Радански пат, Сењак и уште десетици други улици во градот. Ова на граѓаните ни во најмала мера не им се допаѓа па прстот за вина го вперија кон најповиканите за овој проблем, ЈП Исар. Дека граѓаните имаат право да се лутат на ЈП исар говори и фактот што ниту се известени дека ќе останат подолг период без вода ниту пак ЈП Исар им има обезбедено алтернативни извори за снабдување со вода. Ова секако дека претставува горчлив проблем со оглед на тоа дека без вода останаа здравствени установи, детски градински, угостителски објекти и други јавни институции за кои водата е од витално значење за нивното функционирање и истата е потребна 24/7.
Она што ги иритира граѓаните е игнорантскиот однос од претпријатието кое тие го плаќаат а за сметка на тоа добиваат неквалитетна услуга. Поради ваквата состојба граѓаните во овие студени денови се приморани да ги посетат најблиските маркети и да си набават доволно залихи на вода. Она што им останува на граѓаните е само надежта дека менаџментот на ЈП Исар ќе се сети дека и тие постојат и дека нивниот проблем со водоснабдување ќе го решат во најбрз можен рок.