Кандидатите за градоначалници за Општина Штип од ВМРО ДПМНЕ, Илчо Захариев, и од СДСМ, Благој Бочварски, си подадоа рака и заеднички ја потпишаа заложбата за реализирање на проекти за млади, која се реализираше од младите активисти на Фондацијата за развој на локалната заедница-Штип.
Кандидадот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, Захариев истакна дека градоначалникот е должен на младите да им создаде услови за добар живот на младите во нивните општини.
– Реално мислам дека тоа што е понудено и што го потпишавме е остварливо, се надевам дека ние како кандидати за градоначалници комплетно тоа ќе го испочитуваме. Идејата на младите за нас се битни, често пати можеби ние не согледуваме некои работи во напиот град и од тие причини секоја идеја која ќе дојде од младите за нас е прифатлива, бидејќи тие не бараат многу, вели Захариев.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Бочварски забележа дека тој како млад човек ги разбира потребите на младите.
– Така што ќе ги поддржам во секоја нивна намера, ќе ги поттикнам да направат значајни, битни проекти за нашиот град и за нашата општина и ќе ги вградам во донесувањето на одлуките кои што ќе значат подобар живот на сите наши граѓани, рече Бочварски.
Младите од Штип бараат јавен градски превоз, подобар студентски стандард и изградба на студентски дом. Според кандидатите за градоначалници за Општина Штип ова се проекти кои се реални и кои можат да се остварат од страна на локалната власт, а исто така ќе ја поддржат и работата на Советот на млади на Општина Штип.