Денес на свечена седница општинската изборна комисија им ги додели решенијата на новите 23 советници во советот на Општина Штип.
Во новиот советнички состав СДСМ ќе партиципира со 12 советници со што го има мнозиството во советот, додека пак ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат 11 советници.
Носителот на советничката листа на СДСМ Ален Георѓиев истакна дека ќе ги поддржуваат одлуките на градоначалникот:
„Ние тука сме за интересите на граѓаните, без разлика дали одлуката ќе биде предложена од градоначалникот, дали од нас и или друг. Ние секогаш мораме да ги браниме интересите на граѓаните, а на крајот на краиштата сме и избрани од нив и да ги штитеме нивните интереси.“
На прашањето дали тој ќе биде идниот претседател на совет кусо истакна дека за тоа прашање ќе следува дополнителен договор.
Носителот на советничката листа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов истакна дека тие како советничка група ќе ги поддржуваат сите одлуки во корист на граѓаните меѓутоа во истовреме нема да бидат неми пред одлуките кои ќе бидат штетни за граѓаните:
„Ние како советничка група заедно со коалицијата „За подобра Македонија“ ќе бидеме конструктивни во носењето на одлуките се со цел да бидеме одговорни и да работиме во нивен интерес. Она што сакам да го порачам е дека ќе ги поддржиме сите добри одлуки кои што ќе значат подобрување на животот на граѓаните, но во исто време ќе бидеме и гласно говорници за сите одлуки за кои што сметаме дека ќе бидат на штета на граѓаните“.
Денес во собранието беше и констатирана оставката на Благој Бочварски со што и формално-правно се очекува во текот на оваа недела ОИК и на него да му го врачи решението за новиот градоначалнички мандат.


