“Случајот со палењето на приватните возила на директорот на ЈКП – Комуналец Прилеп, Рубин Абрашоски и пратеникот Петар Ристески, се уште една потврда за беззаконието кое владее на територијата на овој град, но и во цела Македонија.
Граѓаните се сведоци на масовни тепачки, градот е преплавен со наркотични средства кои непречено се дистрибуираат кај најмладата популација, а свежо е сеќавањето на јавноста за случаите на инволвираноста на полициски структури од Прилеп во високи форми на организиран криминал.
На последните локални избори се обелоденија непобитни докази за инволвираност на полициски структури во активности за влијание на изборните резултати. Тука е и случајот со мистериозната, а се уште неразјаснета кражба на концентрирано масло од канабис од сефот на фабриката за марихуана во непосредна близина на Прилеп со пазарна вредност од пет милиони евра.
Граѓаните се сведоци и на зголемениот број на имотни кривично дела, а кои полицијата воопшто не ги открива. Со еден збор во моментот Прилеп е град кој е под целосна контрола на криминалните банди, а полицијата е само нем посматрач на настаните.
Ваквата безбедносна состојба е причина за вознемиреност и грижа кај граѓаните, а безбедносните ризици по нивниот живот и имот се големи.
И покрај барањето на градоначалникот и Советот на општината за промена на командирот на ПС, Оливер Спасовски и врвот на МВР не преземааат ништо.
Дали на тој начин се штитат криминалните структури кои по потреба ги употребуваат за лични и партиски цели? Дали криминалните банди не се апсат и заради намерата за нивно користење на идните парламентарни и претседателски избори?
Одговорност мора да има. Прилеп мора да биде безбеден град, a граѓаните мора да се чувствуваат сигурно и безбедно.”
-фејсбук статус на поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.