Неодговорност и неспособност.
Тоа се двата клучни збора што ја красат и гнасат оваа структура на власт.
Нема да одам подалеку, погледнете го само начинот на менаџирање на здравствената криза која има безбедносни импликации по граѓаните и со самото тоа и по државата. И нема да одам наназад од почеток кога си прогласуваа вонредни состојби кои не ја исполнија Уставната цел, туку ја исполнија нивната – партиска цел, туку ќе се задржам само на последните 2 месеци. Џабе коленичеше Филипче и кај Бојко и кај Грците за вакцините. Никој не му кажал дека европска солидарност не постои, туку дека секоја држава прво се грижи за сопствените граѓани оти тоа е нивна Уставна и законска обврска, па дури после на ред доаѓа политикантството и емоцијата кон “братјата”. Впрочем, правото на живот и грижата за јавното здравје и во Македонија се Уставни и законски категории, но кој да му каже на Министерот дека за спроведување на Уставот и законите треба да ги искористи институционалните капацитети, а не со коленичење за толку сериозна тема да ја срами државата и да служи за подбив кај соседите.
Дека се потполно неодговорни и немаат направено никакви подготовки за набавка на вакцини и вакцинација, се докажа кога претседателот Вучиќ ни даде 8000 вакцини, а ние ние немавме план за вакцинација и начин како да ги примиме!!! НЕВЕРОЈАТНО! Па што правевте цела година? Чекате некој друг од надвор да дојде да ви даде решение на проблемот, или немате капацитет да се зафатите со него?Зошто ја прогласивте кризната состојба? Сте слушнале ли за долгорочно, среднорочно и краткорочно планирање? Срамота!
Фалбите дека со вакцинација почнуваме пред нова година, во јануари, февруари итн. беа свесно лажење на народот. Вие знаевте дека немате преземено никакви активности, ама заради мир во куќа ЛАЖЕВТЕ!
Трагикомични се и изјавите на вечниот политичар Шекеринска која изјави дека не сакале да набават вакцини затоа што не сакале да ги тестираат на нашиот народ (!!!), за да после само недела дена изјави дека не ги набавиле вакцините затоа што не знаеле колкав број од граѓаните ќе сакале да се вакцинираат (!!!). Од друга страна, претседателот Пендаровски пак вика дека сме биле мал пазар па затоа фармацевтските компании не’ заобиколувале. Е сега, кој е во право, Шекеринска, Пендаровски или Филипче? “Виша класо”, ова веќе не е политика, имаме 3000 мртви наши граѓани, а вие си терате мајтап со граѓаните. Тие граѓани се наши браќа, сестри, родители, пријатели, другари, познаници…Македонци.
Неспособноста и недговорноста ја плаќаме сите ние, за жал со човечки животи. 30 години истите политичари не сфатија дека кога си на државна функција, прво и основно што треба да сфатиш е дека ти си тука за граѓаните, а не обратно. Време е за барање на кривична одговорност за свесно непреземање на мерки за заштита на јавното здравје и за злоупотреба на службените позиции. Време е да се свестиме дека ако сега не ставиме крај на овие неранимајковци, Македонија и нејзините граѓани бел ден нема да видат.
Стоп на лагите и манипулациите!
-став на Драган Ковачки- Член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ