ООМУ „Владимир Арсовски“ – Неготино за своите потреби набави нов полуконцертен клавир од австриско производство FEURICH II 179 Dynamic. За музичкото училиште ова е од големо значење, поради збогатувањето на училиштето со ваков скап и нов инструмент. – Уште поголема е важноста за нас, затоа што, некои од учениците за прв пат гледаат и имаат можност да свират на еден ваков инструмент.
Овој инструмент е со моќен карактеристичен топол и великодушен тон. Има проширена резонантна кутија, што помага да се создаде тој голем звук и моќен бас.
Жиците се од посебен нерѓосувачки материјал кој помага за подобрување на тонот и ја зголемува долговечноста на инструментот, а редизајнираната рамка го направи овој инструмент уште посупериорен во однос на неговиот претходник и други модели од таа класа и големина. Неколку години по ред е добитник на престижни награди низ Европа и пошироко. FEURICH179-Dynamic II обезбедува извонредни перформанси на звукот за полуконцертен пијано со средна големина и се докажа во многу конзерваториуми и мали концертни сали низ светот.
Откога беше поставен и наштиман на апсолутна висина од 442 херци, веќе се одржани три концерти и виенскиот полуконцертен клавир е спремен за концертната сезона во Новата 2019 година.Овој инструмент во иднина ќе значи многу, заради позачестените настапи на наши сегашни и идни ученици, а и на веќе дипломирани пијанисти од нашиот град и од целата држава. Благодарност и до Музеј на град Неготино за што ни обезбедија привремена локација и одржување на концерти. Тоа беше единствено решение заради техничка неможност да го поставиме во нашето училиште. Но планирано е за одреден период да се изгради ново музичко училиште со КОНЦЕРТНА САЛА каде ќе биде вистинското место за поставување на овој моќен австриски убавец. – пишуваат од музичкото училиште .


