Во 1907-ма Буњин го посетил Националниот музеј во Каиро. Седумнаесет години покасно, запишал:
„Долго одев и долго ги посматрав малечките поцрнети мошти на Рамзес Великиот, ставени во неговиот стаклен сандак. Еве ме покрај Великиот Рамзес, покрај неговото тело, макар исушено, поцрнето, претворено во сами коски… Сепак, треба да се радува. Треба засекогаш да се биде во неуништливото и највеличенственото, кое крвно го врзува моето срце со срцето оладено пред неколку илјада години… кое во оние легендарни денови, како и во нашите, исто толку одлучно одбивало да верува во смртта, а кое верувало единствено во животот. На сè ќе дојде крај. Единствено на таа вера нема!“ (Иван Буњин: „Буби балегари“, 1924)
И, навистина – сè во вој свет минува и заминува, освен трепетот пред смртта и верата во животот. Тоа е она што сите луѓе нè поврзува, без разлика на времето во кое сме живееле и без разлика кому и на што сме се радувале. Така, вечно патуваме низ исто време и низ ист предел на љубов и трепет.



