Во врска со новинарски прилог емитуван на телевизијата Сител, со дополнителни објаснувања со спонзирирана објава на фејсбук се јави пратеникот Панчо Минов.
Истата ја пренесуваме во целост:
Почитувани граѓани,
Во врска со објавата на вестите на ТВ Сител и на порталот Либертас под наслов “И пратеникот Панчо Минов ќе гласа за уставните измени” изјавувам дека на новинарско прашање дали сум задоволен од утврдените предлог Амандмани од аспект на прифаќање на моите предлози во расправата по нацрт Амандманите дадов одговор дека сум задоволен затоа што се прифатени неколку од моите предлози и тоа во Амандман 33 за промената на името во Република Северна Македонија да не се однесува на Преамбулата каде се уредува идентитетот на државата; во Амандман 34 е прифатен предлогот заедно со предлагање и од страна на други пратеници “конститутивните акти објавени во Прогласот на АСНОМ” како и мојот предлог по зборовите “Референдумот од 08.09.1991 год.” да се додаде “на кој ќе се изрази волјата за создавање на самостојна и суверена Република Македонија” што е многу важно за дефинирање на македонскиот идентитет; и во Амандманот 36 прифатен е мојот предлог “Републиката ги штити, негува и гарантира особеностите, историското и културно наследство на македонскиот народ” што значи гаранција во нормативниот дел на Уставот покрај во Преамбулата на македонскиот идентитет.
На дополнително прашање на новинарот дали ќе гласам за уставните измени одговорив дека задоволството од прифаќањето на моите предлози ќе го димензионира моето гласање по предлог Амандманите, а не како што конструира новинарот како ќе гласам.
Откако беше објавена оваа објава за кратко време собра голем број негативни коментари од граѓаните кои не се согласуваат со постапките на пратеникот, по што од неговата фејсбук страна овие коментари беа избришани а луѓето кои коментираа беа блокирани за дополнителни коментари.




