Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Делчево, Горанчо Тодоровски во свое видео обраќање ја алармираше јавноста за поскапувањето на водата и канализацијата за граѓаните на општина Делчево, што беше изгласано од страна на мнозинството советници на СДСМ во општинскиот совет.
Притоа тој го обвини Градоначалникот на општината, директорот на комуналното претпријатие и советниците кои ја изгласаа оваа одлука на локалните власти за молчење во јавноста во врска со оваа зголемена давачка за делчевчани како и неаргументираност во јавноста за причините за ова поскапување.
Во продолжение го пренесуваме во целост интегрално обраќањето на Претседателот на делчевската опозиција:
“Почитувани граѓани на Општина Делчево,
Веќе една недела молк во јавноста на Градоначалникот Горан Трајковски, Директорот на ЈПКД Брегалница, Стојче Стојковски, Претседавачот на Советот на Општина Делчево Драган Маневски како и сите советници од СДСМ и нивната коалиција, заедно со одметнатиот советник од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кои гласаа за поскапувањето на водата и канализацијата за делчевчани.
Нема никаква изјава во јавноста, никакво објаснување, или аргумент упатен до граѓаните, од страна на Градоначалникот Трајковски, со што би им објаснил на граѓаните зошто треба да плаќаат поскапа вода и канализација.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија, на самата седница алармираа кај градоначалникот Трајковски и Советниците на СДСМ, дека со ова поскапување се врши директен удар врз животниот стандард и буџетот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ гласаше против, но тоа не беше доволно да ги спречат во нивната намера.
И тогаш и сега сметаме дека оваа одлука е штетна и истата служи само за покривање на вдомените партиски кадри на СДСМ во ЈПКД Брегалница. Притоа како што беше кажано на самата седница, со поскапувањето граѓаните нема да добијат подобра комунална услуга.
Градоначалниче Трајковски, каде се новите возила за собирање на смет што ги ветивте во предизборната кампања?
Каде се новите канти и контејнери за селектирање на отпад, до каде е постапката за подобрување на квалитетот во процесот за собирање на смет во руралните места и расчистување на дивите депонии?
Ништо од ова што беше ветено од Ваша страна не е реализирано, а сега дополнително граѓаните треба да плаќаат за вашите партиски вработувања во јавното претпријатие.
Ова поскапување на сметките за вода е дрзок грабеж на граѓаните, кои се уште не ја добиваат потребната услуга како во било која нормална општина.”


