Гоце Делчев. Балканските пропаганди во Македонија. (прв дел)
1. На денешен ден, 4-ти мај 1903 година убиен е Гоце Делчев, еден од најголемите македонски револуционери и личност која во своето време ужива најголем авторитет меѓу народот и припадниците на македонската револуционерна организација. По неговото убиство, цели 117 години тој е славен и почитуван од Македонците на сите територии на географска Македонија. Целиот живот го посвети на ослободителното дело и загина за слободата на Македонија.
Нека му е вечна слава.
2. Дури и денес Гоце Делчев е подеднакво актуелен како во своето време. Не толку заради обидите тој да биде присвоен од нашиот источен сосед како и целокупната македонска современа историја до 1944 година, затоа што тоа не е ништо ново, туку заради неверојатниот продор, а со договорот за добрососедство и поддршка што властите на Македонија ја дозволија на надворешните пропаганди на соседите.
Живееме во чудно време. Оние кои барем малку читале историја може лесно да подвлечат паралела со големите балкански политички пропаганди во 19-тиот и 20-тиот век во Македонија (грчки, српски, бугарски и други) и ова што се случува денес од страна на некои од соседите, со сериозна поддршка од нивни домашни соработници.
Централниот медиум за пропаганда тогаш била црквата, нешто подоцна во мал дел и весниците, а денес тоа се медиумите.
Начинот порано бил преку собирањата во црквата и црковните училишта и активностите на вековните лица и учителите, денес преку политичари, новинари, аналитичари и други познати личности во општеството, вклучувајќи дури и луѓе од црквата иако денес нивното влијание е неспоредливо помало од она во минатото.
Неверојатно повторување на историјата. Во овој период, откако соседна Грција ја заврши својата работа, во полн ек е кампањата на соседна Бугарија, која исто така ја заврши својата работа, но тоа им се виде толку лесно, што поскаа и повеќе. Нашата држава на овој план, се повеќе наликува како Македонија под окупација, во времето кога немаше држава, институции и сојузници. Отпорот е сведен на поединци, изостанува институционален аргументиран отпор и одговор.
Со оглед дека кампањата е во полн ек, секој аргументиран отпор од кого и да е, наидува на жесток одговор, преполн со навреди, клевети, потсмев, понижувања и прогон. Во тие пропагандни активности се вклучени комбинирано, директно дел од високите претставници на соседот и секако со полна пареа нивните локални марионети, кои стануваат и легнуваат со мислата како да го замолкнат некој кој дал аргументиран одговор на невистините, на лажното презентирање со цел присвојување на македонската историјата.
Тоа е важно бидејќи следната цел, веќе тоа не е тајна е: името на јазикот, македонскиот и секако целосно присвојување на историјата.
Ако ова го добијат и ако некој наивно мисли дека тука ќе запрат, многу се лаже или е неинформиран. Тоа веќе не го ни кријат одредени високо позиционирани политичари на нашиот источен сосед. Еден од нив, деновиве откако прво го пофали г. Денко Малески, потоа малку и го искара, најпрвин со потсмев (ставајќи во наводници) дека споменатиот имал „научно откритие“ со тоа што кажал дека Македонците и Бугарите сепак биле еден ист народ, додава дека не само што сме биле, туку и продолжуваме да бидеме макар и на сила разделен еден ист народ. Но оди и понатаму, па вели дека верува дека не е далечен денот во кој повторно ќе бидеме заедно, и таму каде што течело, пак ќе течело.
Ако некој наивно верува дека во овој дел тој мисли на обединување во рамките на ЕУ, само би му одговорил дека да беше така немаше да имаме условувања на тој пат и најава на блокирање на преговорите (секако не пред изборите во Македонија) доколку не се прифатат нови отстапки на национален план. Тој сѐ уште во некакви рамки на пријателски критики го коригира Малески, дека не само Делчев и Мисирков, туку сите останати преродбеници и револуционери на ВМРО биле Бугари кои си го дале животот за како што вели, „бугарштината во Македонија“.
Потоа, почнуваат нападите, навредите и потсмевот кон мене, како непријатно изненадување, како што ме нарекува. Денко Малески е позитивното а јас сум бил негативното изненадување.
Навистина жалам што вакви личности, кои згора се и на високи државни функции, ги иритираат македонските граѓани, нѐ оддалечуваат со бугарскиот народ, со кого имаме многу заедничко, за кого имам одлично мислење и пријатни чувства како кон близок до нас народ и сосед, со многу лични пријателства со поединци од оваа држава.
Имам впечаток дека дел од политичарите во Бугарија со овие теми се обидуваат да добијат повеќе гласови од националистичките гласачи, но и да ја остварат зацртаната цел, бидејќи Македонија во моментот ја чувствуваат слаба, незаштитена, со влада која е лесно прави отстапки, а како членки на ЕУ и далеку подобро позиционирани.
Сосема логични се забелешките дека овие поединци од Бугарија ова го прават само кон нас бидејќи, географска Македонија има и во Грција и таму немаат никакви слични активности или претензии. Ниту пак вака „се силат“ кон Србија каде им се припоени дел од нивната територија по втората светска војна, т.н. Западни покраини.
Ако имаат принципиелен однос, каде сѐ да побараат права на Бугарите во Србија. Нели и тоа е окупиран дел на Санстефанска Бугарија: Димитровград, Босилеград… Не сме чуле да се обратат таму. Таму имаа и некоја ослободителна организација наречена ВРТОП. Дел од Бугарските историчари тврдат дека Никола Пашиќ имал бугарски корени. Што не ја прашаат Србија за тоа.
Едноставно, во Македонија начекаа „село без кучиња“, па удри…
Затоа нивните локални пропагандисти се сега охрабрени и забревтани.
Во тие обиди за дискредитирање веќе не знаат ни што говорат. Еден од нив ми се нафрли дека едниот мој дедо бил Грк а другиот Бугарин. За првиот како доказ приложува дека загинал како војник на грчката армија во Грчко-Италијанската војна во 1940 година, но не ја кажува целата приказна.
Предците на таткото на мојот татко, чие име го носам, според кажувањата на мојата баба и другите роднини,се доселиле во Сетина од Смилево пред тој да се роди во Сетина, каде што, подоцна нивните имиња и презимиња морале да мутираат со буквата „с“ на крајот. Во Сетина се родил мојот дедо и ја запознал баба ми Марија, чие семејство се староседелци од соседното Крушоради. Имав среќа мојата баба да поживее 91 година, до декември 1992 година, и да знам што се чувствувале по националност и кој јазик го говореле, така што ваквите пропаганди да можам да ги дочекам со насмевка.
Она што тој не го кажува, а што е забележано во историјата, е што на почетокот на Грчко-Италијанската војна, кога во тоа време фашистичка Италија навлегува на територијата на Грција, Грција врши присилна мобилизација. Едно утро рано, во 05 наутро, грчката армија доаѓа во Сетина и будејќи ги сите, соопштува дека сите мажи и сите коњи треба веднаш да тргнат со нив. Веднаш потоа, сите Македонци во грчката војска се ставени во првите борбени редови, како „топовско месо“. Грчката армија брзо напредува и ги потиснува Италијанците во Албанија каде ги брка и навлегува и на таа територија, каде што два месеци по присилната мобилизација, најпрвин е тешко ранет со граната додека бил во шатор, а подоцна е починат во болницата во Лерин.
Татко ми, по доаѓањето во Македонија на околу 10 годишна возраст и како и сите деца – бегалци, откако станал возрасен, во следните децении имал прилика да си го поврти грчкото државјанство и да си го врати имотот, како и слободно да патува во Грција (повеќе децении не му беше дозволено) само доколку се декларира во документите како Грк по националност. Како помлад имал уште една можност. Како и на сите деца на загинати војници државата им обезбедувала бесплатно студирање и стипендија за студирање како и финансиски надомест до одредена возраст. Тој не одлучува да го бара и добие тоа и денес, во својата 83 година, воопшто не се кае и слатко се смее на ваквите пропаганди, но и е загрижен заради нивниот нов продор, иако е човек кој никогаш активно не бил во политиката. Син на братот на неговиот татко загинал како припадник на партизанските единици на ДАГ, и уште еден негов прв братучед.
Мојот друг дедо Михајло Мијалков е роден во населбата Ново Село во Штип, каде неговото бројно семејство биле староседелци. За жал и него немав можност да го запознаам, бидејќи починал 7 години пред да се родам, но за среќа, неговата сопруга, мојата баба Благородна, со која заедно израснав, секој ден додека беше жива зборуваше за него, така што од неа и од другите роднини знам дека тој имал работилница за производство на чевли со 12 вработени (во тоа време немало големи фабрики во Македонија и ваквите приватни погони ги покривале потребите на населението). Изработувал најквалитетни и најмодерни, во тоа време машки, женски и детски чевли и чизми и никогаш не се вмешал во политика. Никогаш.
Редовно за Божиќ и Велигден дарувал поголеми количини чевли на сиромашни семејства и на деца кои останале без родители, а често го правел тоа и во други денови. Единственото нешто ако може да се поврзе со политика, е што повремено, кога ќе побарале изработувал и по тајни канали испраќал чизми за партизаните како помош. По Втората светска војна сите приватни стопанственици преминале на државна работа, па така и тој, работејќи ја истата работа, но кратко потоа се разболел и имал долго 13 годишно боледување по кое починал во 1963 година.
Инаку, во двата периоди, во српското и бугарското владеење во Македонија, со закон било оневозможено некој да се декларира како Македонец на попис или било како. Освен дома и во приватни кругови, на сите официјални места, нашите предци немале избор.
За жал, денес полека повторно чекориме во тој правец. Како што тргнало и ако вака продолжи, ќе се вратиме со именување на тоа што сме само по дома и во приватни кругови.
Сепак, и покрај сѐ, без држава, без институции, без сојузници, чувството на припадност и посебност, останало кај мнозинството Македонци.
Затоа, не треба нечиј политичар или пропагандист да ми кажува како се чувствувале моите предци. Имав прилика да ги запознаам, а со некои од нив и да живеам и да слушам како за нас велат : „ние, Македонците“, а за нив „тие Бугарите, или Србите, Грците…“. И истите да ми пренесат, како оние кои не се веќе живи, реално се чувствувале и декларирале.
Македонците и Бугарите се блиски народи. Но, отсекогаш постоела посебноста, која заради немањето држава, кодифициран јазик и институции не била официјална.
Една била ситуацијата де јуре, друга де факто. Така било и во српскиот период од 1918 до 1941 година. Македонците де јуре биле Срби. Де факто, најголем дел се чувствувале Македонци, но на попис немале право да се изјаснат како Македонци.
Денес некои наши соседи во отворена пропаганда кампања, како аргумент ја користат ситуацијата која била „де јуре“. Сепак, суштинско е тоа што било де факто.
Треба да знаат дека операцијата за асимилација на населението во Вардарскиот дел на Македонија не успеа. И знаат. Но, прават нови обиди.
За претставувањето како Бугари на многу наши револуционери во нивните спомени или писма, повеќепати досега е објаснето, но и ќе го повторам цитатот од мојот претходен ФБ статус на професорот по историја Др. Ванчо Георгиев, кого актуелната власт го избра и го назначи за член на преговарачкиот тим, односно комисијата за историски прашања со Бугарија. Тој во август 2014 година, во предговорот на спомените на Андон Јанев Ќосето пишува: „На крај, ќе нагласиме во спомените на А. Ќосето, како и кај другите дејци од овој период, за именувањето на македонското население што било под духовно покровителство на Бугарската егзархија се користи терминот Бугари, исто како што и за именувањето на населението што било под духовно покровителство на Цариградската патријаршија се користи терминот Грци или гркомани. Во случајот, споменативе термини преставуваат синоними за означување на конфесионалната припадност на населението во Османлиска Македонија, а не етноними“.
(целиот текст на оваа тема е во точка 3 од линкот од претходниот статус: https://www.facebook.com/…/a.101522334529…/10158400684982716
Во него има објаснување и за едицијата Про Македонија).
Вистината наспроти пропагандата (втор дел)
Втората карактеристика на пропагандата на источниот сосед и неговите апологети во Македонија, кога некој ќе им пружи аргументиран отпор, а не навреди и пцовки, потсмев и ароганција, туку аргументиран отпор на кој немаат соодветен одговор, е лепењето етиката дека си за Белград и Москва. Штом тврдиш дека Македонците не се и де факто никогаш не биле Бугари, тогаш ти велат дека си Србин, србоман и сл. и дека работиш за Русија, а може да ти залепат и дека си против интеграциите на Македонија во ЕУ.
Сведоштво за создадената нервоза од аргументирани одговори на историските невистини се и тврдењата деновиве од истите извори дека јас многу сум ги сакал Титовите комунисти и при срце ми било да ги заштитувам. Дури во еден момент правдајќи ги чекорите на Бугарија да не преземе ништо во Илинденското востание, опишувајќи дека истата се плашела од Турција, Русија, Србија и Австро-Унгарија од тоа време, наведувајќи го стравот од Австро-Унгарија како една од причините што Бугарија не се вклучила во Илинденското востание, истата ја доведуваат во корелација со мене, во смисла дека и таа држава многу сум ја сакал, а таа држава не постои цели 100 години.
Или кратко кажано, сите од кои се плашела Бугарија да интервенира во Илинденското востание и да помогне бидејќи, нели, народот во Македонија биле Бугари, сите тие јас многу сум ги сакал. Вклучувајќи ја и Османлиската империја со која во тоа време ВМРО се бори за да издејствува автономија и независност на Македонија.
Едноставно, можат сѐ, само не можат да прифатат дека Македонец, се декларира Македонец затоа што тоа се чувствува. А не заради Срби, Турци, Австријци, Бугари, Грци, Руси, Американци или не знам кој.
Инаку, кога веќе ја спомнуваме Русија, ако за некоја држава во Европа може да се каже дека е создадена со директна интервенција на царска Русија, тоа е токму Бугарија. Санстефанска Бугарија која никогаш не профункционирала во реалноста и само околу 4 месеци била на хартија е резултат на Руско -Турската војна во која Русите нанесуваат тежок пораз врз Османлиската Империја која е принудена да го потпише тој договор на 3-ти март 1878 година. Свесна дека другите големи сили нема да се согласат самата царска Русија да ја заземе таа територија и толку многу да се прошири се обиделе да направат своја сателит држава, а тоа е Бугарија. Но, другите големи сили го забележале тоа и се спротивставуваат барајќи нова мировна конференција без претходно да се спроведе на терен договорот од тогашното предградие на Цариград. Така ќе се прекројат тие граници и секоја од нив, поаѓајќи од свој интерес, доаѓаат на Берлинскиот конгрес.
Творец на Санстефанска Бугарија која ја слават овие кои ни викаат дека сме биле поврзани со Русија, само затоа што не прифаќаме да ни ја присвојат историјата, е Рускиот гроф Игнатиев, кого години подоцна во Бугарија го пречекале како цар. Добро е пропагандистите да си ги отворат учебниците од средно образование и да се потсетат кој е Александар Батемберг, царот ослободител на кого во Софија му имаат направено споменик. Кој ја ослободи Бугарија? Кој го помогна тоа? Русија.
Паралелно на тоа, ќе потсетам дека кога претставници на ВМРО подоцна бараат од лица од царскиот дворец на Русија поддршка за автономија на Македонија и за востание, тие се категорично одбиени и дадено им е до знаење дека Бугарија е нивниот избор и сојузник. Оттука, не ние Македонците, туку Бугарите имаат причина и сигурно барем интимно се благодарни на Русија за директното учество во создавањето на нивната држава.
Македонија единствено се има вклопено во позицијата на Коминтерната (здружение на комунистичките партии каде доминантни се Советите), која позиција е општа за сите и која ги обврзува комунистичките партии во сите земји (вклучително и КПЈ), по освојување на власта им дозволат самоопределување на малите нации. Ова било заземено како став со цел да го придобијат и мотивираат народот во тие земји и на тие народи да се борат на страната на комунистичките партии. Но, таква соработка и таква директна поддршка, во смисла со војна да ти направат држава „ексклузивно“ добила само соседна Бугарија, чии поединци на високи функции денес нам ни лепат Руски етикети.
Иако Санстефанскиот договор никогаш не се спровел на теренот и како државна творба никогаш не профункционирала, соседна Бугарија го слави како национален празник. Границите на Санстефанска Бугарија, денес опфаќаат територија на неколку држави: Турција, Грција, Србија, Романија, Косово и Македонија. Таквото прославување на непостоечка држава кое може да се толкува како територијални претензии не мислам дека е во духот на ЕУ. Таков празник не празнува ниту една друга членка на ЕУ.
На моето тврдење дека ниту еден Бугарски војник не учествувал во Илинденското востание, добив одговор дека 48 бугарски офицери, подофицери и еден генерал учествувале, дел од нив и по имиња наброени. Навистина смешно е да се каже дека наводни бугарски војници биле Протогеров, Тано Николов, Христо Чернопеев итн., кога се знае дека тие дошле како припадници на комитски чети, а не во бугарска униформа.
Никој од офицерите не влегол во Македонија со Бугарска униформа. Влегувале како Македонски револуционери. Давале оставки од офицерските чинови. Сарафов меѓу првите постапил така и ги повикал и другите да го следат.
Во монографијата за Борис Сарафов на Проф. Др. Никола Жежов, има документи како Македонците ако се вклучеле во ВМРО, масовно си давале оставки од офицерството.
Пропагандистите говорат за некои маргиналци дека учествувале во Илинденското востание, како Јанков и Цончев. Тоа се невестини. Чакаларов го истерал Јанков од Костурско како врховист. Или Цончев… Поранешни врховисти можеле да учествуваат само ако се зачленат во ВМРО.
Исто така при аргументирањето напоменуваат дека во статутот на ВМРО била спомената Бугарска националност и даваат факсимили. Им порачувам, нека си ги погледнат статутите (уставите) од 1893 година, никаде не стои бугарска националност.Во прилог фотографии од копиите од насловните и првите страници на Статутот од 1905 година, каде се наведуваат целите… Во членот 1 од статутот во 1905 година стои: „ВМОРО има цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за извојување полна политичка автономија за тие две области“. Веќе во член 2 стои: „Организацијата се спротивставува на стремежот за делење и освојување на овие области од која и да е држава“.
Тука е очигледна и една манипулација од спомените на Др. Христо Татарчев. Деновиве некои Бугарски високи функционери цитираа што пишува во статутот на Бугарскиот револуционерен комитет, претставувајќи го како прв Статут на ВМРО. Имено, самиот Татарчев во спомените раскажува дека тој статут бил земен само како урнек а не бил статут на МРО: „…го земавме за образец (урнек) уставот (статутот) на Бугарскиот револуционерен комитет. Го натоваривме Поп Арсов, врз основа на тој Статут да изработи проект за нашиот Статут. На истиот состанок на долго се расправаше како да биде името на револуционерната организација и на комитетот. Тоа прашање ни одзема многу време и најпосле, како што паметам, го усвоивме називот: Македонска револуционерна организација, а комитетот – Централен македонски револуционерен комитет, а скратено Ц.М.Р.К…“
Бугарскиот образец од Захариј Стојанов бил УРНЕК, а не име.
(Од делот на основањето подолу фотографии од текстот од Спомените за основањето на Иван Хаџиниколов).
Понатаму има и други манипулации во реакциите на моите јавно изнесени прашања за посебноста на Македонската нација од Бугарската пред 1944 година.
Па така, зборуваат дека на фудбалскиот натпревар Македонија – Левски, пример кој го наведов во мојата реакција кон ставовите на г. Денко Малески, немало докази дека навистина масовно се извикувало „Долу Бугарија“. Нека си ги погледнат извештаите пратени во Софија на началникот на полицијата од Скопје од тоа време, па кои архиви се испечатени во книги, па потоа нека негираат.
Во прилог објавувам неколку фотографии од текстот на извештајот на полицијата во Скопје во време по одигрувањето на натпреварот:
Ќе издвојам мал цитат, за тоа што скопскиот регионален полициски началник известил во службата за државна безбедност во Софија по повод натпреварот Македонија – Левски:
„откако вториот гол даден од Левски не беше признаен од играчите на Македонија, натпреварот се прекина. Здивена, публиката извикуваше најпогрдни работи за софијците, се слушнаа извици „мајката бугарашка“, „Долу Бугарија“, „Горе Македонија“… Такво однесување на публиката беше констатирано и на првиот натпревар, иако на вториот се потенцира јасно антибугарско однесување од локалното население“.
Потоа тој констатира дека вложените напори во претходните 11 месеци за инклузивност на месното население како да се распадна со еден замав на тој натпревар.После ова, пак ќе прашам, овие 7000 илјади Македонци во публиката, Бугари биле или Македонци?Напоменувам дека Скопје е тогаш многу помал град отколку денес. По последниот попис од 1935 година Скопје имал 70 илјади жители, а веќе на следниот попис во 1948 година имал 102 илјади луѓе. Ако земеме средна вредност од овие две бројки, тоа би значело дека Скопје во 1942 година имало околу 85 илјади жители. Ова значи дека натпреварот го следеле околу 8,2% од вкупното население на Скопје. Во денешни услови, 8,2% од населението на Скопје е околу 55 илјади луѓе, за што би биле потребни безмалку два стадиони како Арената „Филип Втори Македонски“ во Скопје.
Потоа тврдат дека фудбалерите на Левски немале фашистичко отпоздравување, туку тоа го направиле фудбалерите на Македонија предводена од тренерот Шпиц: Евреин кој дошол во Скопје бегајќи од фашистите… Ако било така, тоа сигурно ќе беше одбележано во полицискиот извештај.
А нели Бугарија не беше фашистичка: Кого поздравувале тогаш, кој и да го направил тоа?
Затоа одат со навреди. Кога немаш аргументи, почнуваат навреди, етикети, омаловажувања или лажни вести од типот дека јас сум нарачал некаков филм и безмалку сум бил негов режисер.
Говорат за бугарштина во ВМРО. Каква бугарштина?
Ако Ванчо Михајлов бил со нив, зошто не дошол во Македонија во 1941 година? Зошто полицијата ги следела припадниците на ВМРО? Колку влади се смениле од 1934 година па се до комунизмот, а 3 смртни казни и 9 изречени доживотни казни затвор на Ванчо Михајлов останале на сила се до 60-тите години на минатиот век? Од власта на Кимон Георгиев во 1934 г., период кога половина година Бугарија е во диктатура, па сите влади понатаму,… онаа на Ѓорѓи Ќосеиванов, онаа во војната на Богдан Филов итн., половина членство на ВМРО по 1934 година е во затвор и интернација низ бугарските градови. Зошто ги гонеле?
И десничарските влади, и тие во втората светска војна, и комунистичката влада по војната ја прогонувала ВМРО и поранешните дејци заради идејата за независна Македонија? Припадниците на расформираното ВМРО од Бугарските власти се следени непрекидно од 1934 година, преку Втората светска војна па се до комунистичкиот период. Да, покрај редица познати имиња на подоцна истакнати комунисти во Македонија, кои меѓу првите влегле во бугарските акциони комитети, имало и поранешни припадници на веќе расформираното ВМРО (Ѓузелов, Спиро Китанчев, Кирил Дрангов, Јордан Чкатров…). Но, биле под континуирана полициска присмотра и следење, а кај нив континуирано опаѓал почетниот ентузијазам.
Покрај овие клубови, имало и други организации од типот Браник, Легионер, ,,Отец Пајсиј,, …кои биле раширени меѓу младината со цел ширење на бугарскиот дух. Но, сите овие брзо се изживеале уште кон крајот на 1941 година откако народот видел дека има нов окупатор наместо ослободител. Ако толку убаво ја прифатиле бугарската власт и подоцна не се соочиле со разочарувања и покрај почетниот ентузијазам да преку фашистите дојдат до независна македонска држава, зошто Кирил Дрангов и Јордан Чкатров одбиле да прифатат министерски функции во бугарската влада околу 1943-44 година? На крајот Кирил Дрангов, инаку еден од замениците на Ванчо Михајлов, се самоубил за да не биде фатен од полицијата што го опколила неговиот стан, токму полицијата на новата комунистичка власт во Бугарија.
Тука изложувам неколку фотографии од полициски извештаи за следењето на поранешните високи претставници на ВМРО од страна на Бугарската власт во Македонија и недовербата кон нив, како и стравот дека можат сакале да создадат независна Македонска држава. Еве некои фрагменти од тие полициски извештаи приложени подолу: „Уште со востановувањето на бугарската власт во Скопје дојдоа повеќето од функционерите на ВМРО, кои под маската на добри Бугари, дојдоа да ги видат своите поробени браќа Македонци, започнаа да ги критикуваат дејствувањата на Бугарската власт и да агитираат меѓу населението за идејата за создавање на автономна Македонија. Познавајќи им ги скриените намери, многу познати на службите од минатото, истите веднаш беа ставени под непрекинато следење…“.
Потоа раскажуваат настани, како на пример следењето на Кирил Дрангов, Ѓузелов, Чкатров, скопскиот војвода Величко Вељанов Чичето и многу други како внимателно им го следеле секој чекор на панихидата за Борис Дрангов во црквата Св. Богородица во Скопје, како и подоцнежните движења во Скопско Црешево итн.
Понатаму кажуваат како во службата биле поднесени сведоштва дека Атанас Албански зборувал пред жителите на Скопје, дека кога бил кај Ванчо Михајлов во месец март, последно му кажал: „Сѐ ќе направам, но автономија на Македонија ќе извојуваме“. Албански дополнил пред слушателите дека Иван Михајлов можел да го направи тоа бидејќи бил поумен од царот, а народот не бил со царот туку со него.
Потоа го следат движењето на Кирил Дрангов, откако отворил адвокатска канцеларија во Скопје и го забележуваат неговото дружење со Шефки Рамиз, поранешен пратеник и еден од водачите на Турското малцинство во Скопје, за кого службата имала сведоштва дека работел за автономна Македонија заедно со локалните војводи. И.т.н., и.т.н.
Аргументи во одбрана на Македонците и македонската национална кауза (трет дел)
Деновиве уште еднаш ни ја сервираа старата теза дека во Бугарија комунистите правеле „присилна македонизација“ и затоа имало толку Македонци на пописот во првите два пописи по војната.
Уште поинтересно е што затворањата на поранешните припадници на ВМРО во комунизмот ги препишуваат на тоа дека не сакале со сила да станат Македонци па затоа ги затворале. Вистината е дека комунистите во Бугарија ги затворале бидејќи ги сметале за фашисти и „Ванчомихајловисти“.За тоа колку се грижеле за Македонските комити и востаници, сведочи и изјавата на тогашниот министер Григор Наќевиќ кој во 1903 за бегалците од Македонија изјавил дека ќе пристигнат десетици илјади голтари и ќе треба да се грижат за нив. Еднаш околу 1905 или 1906, С.Радев го прашал Чакаларов, како му е во Бугарија, а овој му одговорил: ”Во Костурско бев Цар, овде сум обичен бакалин“. Македонците се чувствувале како граѓани од втор ред во Бугарија, но многу од нив немале друг избор.
Факт е дека со прст не мрднале од Софија за време на Илинденското востание.
Организацијата го знаела тоа и сепак тргнала во востание.
Сарафов во Смилево им рекол на делегатите, помош од Бугарија да не чекаат.
Видовме и дека тврдат дека Ѓорче Петров тајно отворил некои магацини во Софија од каде се изнело оружје за Илинденското востание и така се наоружале востаниците.
За набавката на оружјето за Илинденското востание постојат експлицитни документи дека ВМРО сама ги купувала. Купувале од браќата Иванови, познати трговци и преку Наум Туфекџиев. Сето тоа го плаќале со пари.
Еве и еден цитат од монографијата за Сарафов на Проф. Др. Никола Жежов, каде Н. Зоографов како пунктов началник му пишува на Сарафов, од која се гледа јасната дистинкција на Македонците и Бугарите:
„Вооружувањето на Македонија е најважната работа на Комитетот. За да ја овенча со успех, неопходно му се нужни пограничните градови или содејството или бездејството на полицијата, затоа што ако полицијата на Бугарија не преследува, на сто седумдесет од работата ние ќе губиме. А многу пати од искуство знам дека полицијата само малку да и потшушнат „следете“ и таа се ќе нѐ открие и многу ќе изгубиме. Ете затоа јас се осмелувам и Ве молам да не закачуваме (вклучуваме, м.з.) ниту еден граѓанин немакедонец во пограничните градови (со исклучок на шпионите) за да не влеземе во конфликт со полицијата, бидејќи дознав дека Дупничките Евреи се пожалиле кај францускиот конзул. По тој пат може многу лесно да дојде мисла на нашите управници за да се зачуваат себеси од непријатности, да не жалат ништо што е свето. Сакам да кажам додека не пренесеме доволно оружје за нашите потреби да се чуваме од конфликти со пограничните полициски власти. Овие зборови на Н.Зографов до Б.Сарафов биле суштински и ја одразувале вистинската состојба во пограничниот пункт на ТМОРО во Ќустендил…„ Н. Зоографов го пишал ова при обид да го одврати Сарафов од план за една акција во која требало да се киднапира одредено лице Евреин, но суштината е каков бил односот на Бугарската полиција кон ВМРО (ТМОРО во тој период) и како тие ја чувствувале истата.
Еве уште еден цитат од истата книга, од кој се гледа колку Македонците биле Бугари.
,,…На крајот од писмото Тролев го запознал Сарафов со конечната цел на обуката:
Преку сето ова, ако успеам да привлечам повеќе луѓе исклучително Македонци, ќе се погрижам тогаш да ги подведам под клетва, некои од нив за да бидат готови во секоја минута на располагање на комитетот, откако ќе ги земам на еден начин оние кои што се во состојба да ги вооружам и да им доставам по една пушка, колку што е можно поевтина.
На ваков начин всушност ВМК под раководство на Б.Сарафов, ги подготвувал првите вооружени чети, составени од доброволци – Македонци кои постепено се обучувале за ракување со оружје…“.
Инаку точно е тоа дека со радост биле пречекани Бугарските војници во многу градови, но поради фактот што во кралството Југославија било неподносливо тешко. Илузијата за наводно ослободување била изживеана веќе кон крајот на 1941 година. Се до создавањето своја држава, Македонскиот народ славел ослободители за кои набрзо сфаќал дека се нови окупатори. Тоа не е случај само со Бугарската војска во 1941 година.
Интересно е што Бугарија никогаш со закон не го официјализирала присоединувањето на Македонија во 1941 година, затоа што Германската власт не го дозволила тоа. Имале само администрирање со Македонија. Германците во втората светска војна изјавувале дека имаат поинакви планови со Македонија. Германските документи јасно ставале до знаење дека има дистинкција меѓу Македонците и Бугарите.
Во оваа „едукација“ помешана со грст навреди, лични напади и дисквалификации кои дојдоа од високи владини функционери на источниот сосед и нивни апологети во Македонија, по моите аргументирани обраќања, повторно високи функционери на нашиот источен сосед ни кажаа дека во втората светска војна немало борба на Македонци со Бугари, туку тоа била идеолошка војна помеѓу левицата и десницата на Бугарското население во Македонија, па индиректно можеби тоа треба да е и некакво оправдување за убиствата на сите оние кои војувале на страната на партизаните за ослободување на Македонија. Убивале комунисти, а не Македонци и тоа го правеле и во Бугарија. Така, наместо извинување, се чини како да се прави обид за изнаоѓање оправдување за убиствата на антифашистите Стив Наумов, Кузман Јосифоски – Питу, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Цветан Димов, Орце Николов, Таки Даскалов и илјадници други партизани и антифашисти.
Патем да потенцирам дека мал дел од партизаните биле вистински комунисти по убедување. Најголем дел се приклучиле на комунистичката партија, заради национални цели, бидејќи таа партија понудила организирана вооружена борба со цел создавање Македонска држава, а поттикната од одлуката на Коминтерната за која погоре напишав. Истото се случува и во Грција. И таму Македонците масовно се приклучуваат на ДААГ, не затоа што толку се вљубени во комунизмот, туку за ослободување на Македонија и создавање независна Македонска држава.
Во неаргументираните напади по моето јавно произнесување и поставување прашања на г. Денко Малески, неговите штитеници, не нарекоа „шумадиски шајкачи и грчки вергини“. Претпоставувам дека во еден низок стил авторот укажува на тоа дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ во времето кое го предводев се поврзало со Србија бидејќи имало во коалицијата Српска партија, а со оној дел „Грчки вергини веројатно се алудира на Сонцето од Кутлеш, кое го смета за Грчки симбол негирајќи го античкиот дел од историјата на Македонија, а тоа е основата на тврдењето дека Македонците биле Бугари.
Во контекст на тоа би поставил неколку прашања.
Зошто Бугарските премиери од Стамболиски до Ќосеиванов одеа да се поклонуваат во Белград? На сите тие посети од Србија беше барано Бугарија да ја уништи ВМРО, што и се случи во 1934 година.
Премиерот Стамболиски потпиша капитулантски договор со Кралството на СХС во март 1923 година, каде се обврза да ја уништи ВМРО, па и тој и двајца министри за внатрешни работи во тие пресметки настрадаа и ги загубија животите токму од ВМРО.
Кимон Георгиев во 1934 година под диктат на Белград, тргна да ја уништува ВМРО, а членовите на ВМРО гниеја по затвори до 1941 година. Ѓеорги Ќосеиванов во 1937 година потпиша капитулантски договор со Југославија за т.н. вечно пријателство.
Е сега, кој е Српска шајкача? Сите премиери на Бугарија помеѓу двете светски војни, освен Цанков делумно, трчаа во Белград.
Интересни се наводите кои пред неколку години излегоа во објавени декласифицирани документи на ЦИА во делот за Македонија. Со целата резерва за нивната точност (фотографија од документот подолу во прилог), извештајот содржи неколку интересни работи. Според истиот, висока делегација на Југославија во март 1949 година, во Анкара, Турција, одржала средба со делегација на ВМРО, предводена од Иван Михајлов. Според извештајот на ЦИА, на оваа средба Михајлов побарал и добил писмен договор од југословенската страна, барањето се однесувало за формирање независна „Македонска држава“ и на каков начин југословенската држава можела да ја помогне таа замисла. Според договорот, Југославија ја прифатила идејата за создавање одделна и независна држава на македонскиот народ и бил договорен начинот како таа ќе помогне, правејќи ги сите дипломатски напори за меѓународно прифаќање на оваа замисла, вклучувајќи и влијание врз јавното мислење во Грција, Бугарија и Југославија во корист на овој план. При тоа, југословенската страна се обврзала во текот на две години од склучувањето на овој договор да ја финансира ВМРО на Ванчо Михајлов. Со овој документ и двете страни ја истакнуваат засебноста на Македонците, а ВМРО требало да престане со сите антијугословенски активности и да агитира за независност меѓу Македонците во Бугарија и Грција. ВМРО се обврзала, да ја стави во служба сопствената разузнавачка служба што била активна во Бугарија, Грција, Романија и Албанија на располагање на Југославија а во случај на воен судир да им нареди на македонските сили да дејствуваат со југословенските сили. Југославија се обидела да се вметне клаузула во договорот дека новата македонска држава ќе може да се изјасни во корист на балканската федерација, меѓутоа ВМРО го одбила предлогот и ова се оставило за понатамошно решавање. Договорот бил, владата да биде демократска и да биде ниту анти ниту про-комунистички настроена, дел од договорот кој бил важен за ЦИА. Двете страни склучиле одбранбен сојуз, но било предвидено дека ќе престане да постои, доколку во иднина Југославија се обиде да влијае во внатрешните работи на македонската држава. Со ова се констатирал одделен, посебен, македонски супстрат од двете страни.
Во друг документ на ЦИА, кој можеби може да се доведе во корелација со претходниот, исто така декласифициран и објавен кој датира од 1952 година, се објаснува дека Тито имал интерес да ја прошири Македонија кон Бугарија и Грција, но по силно влијание, како што се објаснува во документите на ЦИА, се откажал од таа намера и одлучил да го затвори македонското прашање за Егејска Македонија преку тоа што ќе им дозволи на Грците да ја заземат таа територија, а заедно со помош на западните сили народот да биде асимилиран или етнички прочистен. Тој се согласил на ваков план, бидејки имал интерес за силна соработка со ЦИА. Потоа се справувал со незадоволните активисти на ВМРО кои излажани и изманипулирани, решиле дека треба да преземат акција против диктаторот, па започнале повеќе дејности кои ја промовирале нивната идеологија за Обединета Македонија. Одговорот на Тито по 1952 година пристигнал преку интензивно следење на дејците на ВМРО од страна на УДБА, репресии, апсења и необјаснети убиства на сите оние кои работеле на оваа идеја.Останува во иднина историската наука да ги расветли деталите од овие официјално објавени декласифицирани информации на ЦИА.
На крајот, приложувам неколку фотографии од текстови околу Македонскиот карактер на ВМРО.
Првите две фотографии се од циркулар до околиските и локални раководни тела на Организацијата во Македонија под бугарска власт од 5 септември 1922 г, потпишан од Тодор Александров. Во него меѓу другото се вели: „таа организација е непартиска и не се меша во внатрешните работи на царството Бугарија, но таа будно внимава да не му дозволи никому да се служи со Македонија како монета за поткусурување со Македонското дело за лични и партиски цели. Целата Македонска организација во деловите на Македонија останати под Србија, Грција и Бугарија се раководи од заедничкиот конгрес на Организацијата, од затекнатиот Централен комитет, врз основа на последниот правилник на Организацијата и во согласност со инструкциите, циркуларите, привремените наредби и други издавани од Централниот Комитет во духот на правилникот согласно член 112. Организацијата во Македонија под Бугарска власт…“.
Следува фотографија од текст на проект за спогодба меѓу ВМРО и Руската советска република од 30 декември 1923 година, каде меѓу другото стои дека ВМРО која ги преставува МАКЕДОНЦИТЕ што се борат за национално самоопределување, политичка слобода, самоуправа и можна најголема социјална правда, има цел: Обединување на Македонија, распарчена меѓу Бугарија, Србија и Грција во 1913г со Букурешкиот договор за мир и со Нејскиот во 1919 г. во една политичка единка која подоцна ќе биде рамноправен член на една Балканска федерација или барем во првата своја етапа – на една Југословенска федерација.“
Следува фотографија од телеграма од 16 октомври 1927 год. од амбасадата на Чехословачка во Софија до МВР во Прага за влошените односи меѓу Бугарската влада и ВМРО и намерата на владата да го уапси Ванчо Михајлов, во која меѓу другото стои: „Македонскиот комитет се заканува дека ќе ги ликвидира членовите на владата ако наспроти предупредувањето, владата посегне на неговите членови. Прашање е како владата ќе го изврши апсењето, кога целата полиција е од Македонци. Енергијата на владата се поткопува од нерешителноста на некои министри. Сега владата превзема мерки за сопствена безбедност. Кризата ќе избувне веднаш штом белградската влада побара да бидат уапсени определени лица, главно Иван Михајлов. Последниот е душата на комитетот и организатор на последните атентати… Македонците се закануваат со атентат на големиот жупан Добрица Маткович…,,
Следуваат и фотографии од повеќе други чехословачки и австриски документи, како и документи на самата организација потпишани од Тодор Александров, меѓу двете светски војни каде Македонците се именуваат како Македонци, а не како Бугари.
Потсетувам и на изјавата на министерот за образование на Бугарија, Иван Шишманов, дадена на францускиот новинар, публицист и книжевник Гастон Рутие, кој по илинденското востание есента 1903 година ја посетил Македонија и Бугарија, а објавено во книгата „Македонија во делата на странските патописци, 1903“ чиј редактор е академик Александар Матковски.„По десет години, ако Македонија стане автономна, таму нема да постојат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, ќе постојат само Македонци… Ако Европа го мисли спротивното, таа греши, ако Бугарите сметаат на бугаризација на Македонија, тоа се илузии“.Се прашувам како е можно ова да го знаел и говорел овој бугарски министер за образование, за кого соговорникот забележал дека бил доста забележителен и образован, а да не можат да го разберат некои други луѓе со високи титули, денес дури 117 години подоцна. И тој ли бил зол комунист? И тој ли ги сакал Тито и партизаните? И тој ли бил србоман или ги сакал Русите? Инаку И. Шишманов бил писател, етнограф, политичар и дипломат, школуван во Женева и со докторат во Лајпциг, а подоцна член на академијата на науки на Бугарија. 15 години подоцна бил и амбасадор во Киев. Бил прв претседател на Бугарската пан-европска унија.Жално е што речиси во третата декада на 21 век, соседна официјална Бугарија, наместо вистинско пријателство кон Македонија, какво што реално има помеѓу луѓето од двете земји, наместо да ни помогне да се приклучиме на ЕУ ден порано, ја користи својата положба како членка на ЕУ да не принуди да не го нарекуваме нашиот јазик Македонски и да се согласиме под плаштот на т.н. заедничка историја, во целост да ја присвои Македонската историја. Тоа секако историјата ќе го забележи, како и секој добар и лош чекор од минатото кој бил забележан и секако гледано на долг рок ова ќе им биде уште една загубена битка, што и да се случува на краток рок. Македонските власти, треба да излезат од романтичниот сон дека со огромните и непринципиелни отстапки кои ги направи кон Бугарија, дека ги затворила сите прашања со нашиот сосед и треба добро да ги отвори очите што прави.