Забраната за практикување верски слободи од страна на власта постепено станува индикативна пракса дека намерите на надлежните не се искрени дека сакаат да го заштитат здравјето на граѓаните.
Ова особено доаѓа до израз затоа што мерките наметнати од власта до денеска се изразено порестриктивни кон православната верска заедница и практикувањето на православните обичаи во споредба со верските традиции и обичаи на останатите верски заедници.
Јавноста беше сведок на воведувањето апсолутен карантин за време на празнувањето на Велигден како и забраната за посета на гробишта за време на претстојната Задушница а од друга странa ги олабавуваше мерките за време на верски празници на другите верски заедници.
Оттука логично се поставува прашањето за нееднаков третман кон поедини верски заедници од страна на власта со воведување на различен вид на рестриктивни мерки во однос на практикувањето на верски обичаи кај различните верски заедници во Македонија.
Во врска со ваквата очигледна намера за газење врз традицијата и обичаите на православните христијани од страна на власта во јавноста се појавија поголем број на негативни реакции на социјалните мрежи.
Поради нелогичностите и проблематичноста на рестриктивните мерки на власта со свој коментар реагираше и Драган Ковачки.
Неговата реакција ја пренесуваме во целост во продолжение:
“Ни ја забранија Задушница за да не се ширел КОВИД 19. Сите би се согласиле доколку тие мерки имаат чесна намера. Оти сите сме засегнати подеднакво, нели?
Со кое право и оправдување рестораните и кафулињата се отворени и преполни до 16 часот, а притоа забрануваш да се запали свеќа на гробот на ближниот?
Кој ви даде право да ми го ограничувате правото на слободно движење во недоглед? Имавте Уставен рок од 30 дена да се справите со вирусот, кој го пробивте 3 пати досега. Зошто тогаш сме ставиле Уставно ограничување од 30 дена за вонредна состојба и постојано го кршиме?
Зошто повторно по кој знае кој пат денеска создадовте невидени турканици во продавниците, аптеките и сл. во Скопје, Штип, Куманово, Тетово каде што воведовте 4-дневен карантин? Па вие не учите ни од сопствените грешки! Комисијата наместо да се држи до професијата, си тера политика, а власта наместо да биде одговорна и да носи одлуки во полза на народот, си тера кампања и глуми некаков здравствен авторитет.
Ова е крајно неодговорно однесување кон јавното здравје и животите на секој од нас. За ова се одговара кривично.