По пауза од 17 години, возобновениот ККК „Просек” Демир Капија во соработка со општината Демир Капија и Кајакарската Федерација, организира отворен Куп во кајак на диви води – слалом.
Настанот ќе се реализира на 25 септември, а задоволството е големо од враќањето на традицијата крај железната порта, со цел промовирање на демиркаписките природни богатства покрај реката Вардар, но и спортот како здрав начин на живот,
– На ова првенство ќе имаме можност да гледаме голем број на кајакари од Македонија и од соседните држави. Доделувањето на наградите ќе биде во центарот на Демир Капија. Очекуваме голем број на гости од земјава и странство, да ја почувствуваат демиркаписката гостопримливост. Впрочем, за неа говори и зголемениот број на туристи во Демир Капија, – за МИА нагласи градоначалникот.
Тој потсети дека општината со која раководи отсекогаш имала кајакарски потенцијал, а кајакарството како љубов се пренесува од генерации на генерации.




