Весело и разиграно, духовито, со насмевки и позитивна енергија каква што само најмладите знаат да емитуваат, посебно на карневалот „Прочка 2019“ во Прилеп, каде децата и нивните наставници од прилепските основни училишта и градинките настапија со 15 групни и поединечни маски.
Најмладите повторно ја покажаа својата детска креативност во пренесувањето на пораки преку маски. „Ние сме чувари на планетата земја“, „За чиста околина“, „Еколошка цветна пролет“, беа дел од маските со кои децата порачаа дека сите треба да се грижиме за животната средина.

Се претставија со прекрасни маски „Да си подадеме рака“, „Витаминки шејк“, „Деца на сонцето“ и преку другите маски со кои на прилепчани им го разубавија денот и го направија посебен детскиот карневал „Прочка 2019“.
Прилеп беше исполнет со детски џагор, со родители и посетители, не само од Прилеп туку и од повеќе градови од нашата држава. Во Прилеп веќе се пристигнати гостите на карневалот од Турција и Бугарија.

„Оваа година како и сите години имаме прекрасни маски. Се надеваме дека ќе бидат креативни и добри, бидејќи се направени од најмилите од најмалите, што посебно ми претставува чест да ги гледам со големо внимание, бидејќи тие се иднината на прилепскиот карневал. Оваа година имаме и гости од странство, што значи дека веќе имаме и карневалски туризам во Прилеп“ – нагласи Георгиев, Претседателот на здружението „Мечкари“ и коорганизатор на карневалот „Прочка 2019“.



