„Џипси кингс“ (Gipsy Kings) на 22 декември ќе гостуваат во Скопје во рамки на новогодишното концертно шоу „All You Need is Love“ кое втора година го организира Авалон продукција.
Новогодишен концерт ќе одржи една од најуспешните светски атракции „Џипси кингс“. Актуелната формација на бендот, предводена од Пако & Микаел Балиардо, доаѓаат во Скопје со Greatest hits сет, директно да влијаат на предновогодишната атмосфера. Со заводливо мешање на традиционалниот фламенко стил со поп и латино ритам, „Џипси кингс“ станаа планетарен феномен и кралеви на музичката сцена. Нашата публика ќе ужива во најголемите хитови како: „Volare“, „Bamboleo“, „Baila me“ и уште многу други, соопшти Авалон, наведувајќи и дека со овој настан ќе ја заокружи за нив историски успешната концертна 2017.
Во речиси тридецениската кариера бендот „Џипис кингс“ имал неколку светски турнеи и продадени над 25 милиони албуми. Еден од родоначалниците на денешниот стил на оваа група, Манитас де Плата, чие вистинско име е Рикардо Балиардо, се вбројува меѓу најголемите гитаристи на сите времиња. По шест номинации за Греми-наградите, во 2014 година „Џипси кингс“ го добија ова престижно признание за албумот „Savor flamenco“.