Буџетското планирање и приходната и расходната страна на Буџетот на Општина Виница е предмет на реакцијата упатена до јавноста од страна на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Виница која стигна до нашата редакција.
Од страна на опозициската партија реагираат во однос на големото задолжување кое што според нив го прави Локалната власт предводена од Градоначалникот Ивица Димитров во периодот пред претстојните предвремени парламентарни избори, што влева сомнеж за трошење на буџетски пари во функција на самите избори.
Во продолжение во целост ја пренесуваме реакцијата на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Виница:
“Рекордната реализација на приходите на основниот буџет за 2019-та година од 95.37% или ако сакате и во апсоултен износ 103.929.243 денари се должи на две работи.
Првата се измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со кои општините беа задолжени да креираат реални буџети т.е. законски беа ограничени сопствените приходи на основниот буџет да ги планираат највеќе до 10% од остварените приходи во последните 3 години, оттука е високиот процент на реализација од 95%.
И втората работа поради која ја имаме оваа реализација се трансферираните пари од централниот буџет на почетокот на мината година во висина од 20.000.000 денари.
Причината поради која овие пари беа префрлени на општините е тоа што 2018-та година оваа Влада во заминување прибраните пари од граѓаните и фирмите на РМ од зголемените даноци и акцизи не успеа да ги потроши во капитални проекти и ја имаше најслабата реализација на капиталните инвестиции во историјата на РМ, а имајќи го во предвид и фактот дека реализацијата програмите на градоначалниците на СДСМ е очајна.
Од овие причини и се намали долгот т.е. достасаните ненамирени обврски на општина Виница во февруари оваа година за 20 милиони денари, но истиот откако веќе беше јасно дека ќе има предвремени парламентарни избори почна да расте за да во декември мината година долгот порасне на 26 милиони денари и истиот ќе беше зголемен за 3 милиони денари во споредба со третиот квартал од 2017-та година доколку не беа доделени овие пари од државата. “
-стои во реакцијата до јавноста упатена од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Виница.