Во интервју за порталот Курир кандидатката за градоначалник на општина Берово Елеонора Рашковска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ зборува за повеќе работи кои му недистасуваат на ова мало градче во срцето на Малешевијата како и за нејзината визија каде ќе биде Берово после нејзиниот мандат како градоначалник во наредните 4 години.
“Пораснав на беровското корзо, кое повеќе го нема, одев на кино во строгиот центар на градот веднаш спроти мојата куќа и тоа повеќе го нема и сега е само руинирана грдосија, како деца одевме на градскиот базен, кој истотака повеќе го нема, каде му е местото денес на еден од најстарите фудбалски клубови на Балканот, фудбалскиот клуб Малеш, нашата спортска гордост , зошто кога играше Малеш цел град навиваше на трибините и многу други работи кои ние како деца сме ги имале, а нашите деца наместо да имаат повеќе, го немаат ниту тоа што ние сме го имале.
Поголем дел од фабриките се затворени или работат со намален капацитет , а нови фабрики не се отвараат, младите се селат , се помалку има занаетчии , сточари и земјоделци, се помалку се произведува малешевски компир и малешевското сирење, слива, ракија .”
-вели Елеонора Рашковска во интервјуто.
“Мојата визија за Берово е мојот роден град да го врати стариот сјај кој го имаше, повторно да биде град на боеми, занаетчии и еснафи, град на културата, град во кој ќе ги задржиме младите и нивните семејства и така ќе бидат среќни и постарите, град во кој бабите и дедовците ќе ги чуваат своите внуци, а не да бидат онлајн баби и дедовци, град на земјоделците и сточарите, град во кој повторно ќе го имаме беровското културно лето, град во кој ќе живеат задоволни и среќни луѓе, а не апатични и носталгични за нивните најблиски, Берово како развиено и препознатливо туристичко место, со добра инфраструктура и со сите услови за живот кои се еквивалент за услови на 21 век.
Моето Берово повторно да биде град на сите граѓани, затоа што луѓето денес се и најголемото богататство, во кој ќе биде вреден човечкиот збор и човечкиот образ, како што не учеле постарите .
И повторно на беровската чаршија да го слушам задоволното зборување на граѓаните додека одат на работа, смеата на децата и дружењето на младите, седењето и дружењето на еснафот на беровската чаршија , дружењето на пензионерите, задоволни од исполнетиот ден што го имале во својот град.”
-вели таа за својата визија за Берово.
Целото интервју на кандидатот за градоначалник на Берово Елеонора Рашковска за порталот Курир може да го прочитате на сл. линк тука.


