Велес доби Градски гудачки камерен оркестар именуван по „Ангел Шурев“ чија промоција се случи на свечената академија по повод празнувањето на сесловенските браќа Св. Кирил и Методиј што се одржа во салата „Бели Мугри“ во градот.
Оркестарот е составен од 16 членови – професори по пијано, кларинет, виолина и виолончело и талентирани студенти на Музичката академија, средношколци и основци.
Професорот по пијано Илија Настовски од ОМУ „Стефан Гајдов“, кој учел и диригирање кај познатите диригенти Јануш Пшибилски од Полска и Алгис Заборав од Литванија, ја доби можноста да застане на чело и раководи со оркестарот.
Целта на формирањето на Градскиот камерен оркестар, за кој се планира да се збогати со нови членови и репертоар, е кај населението да се врати некогашната култура за слушање класична музика, која во минатато била популарна токму преку работата на овие градски оркестри.
Ангел Шурев, ( роден 1934 година во Велес, а починал 2004 во Белград) се смета за еден од најголемите македонски диригенти и пошироко во некогашните југословенски простори. Тој изведувал оперски, балетски и симфониски дела од својот богат и разновиден репертоар, со посебно пропагирање на југословенското и македонското творештво.
Па затоа овој камерен оркестар со гордост ќе го носи неговото име.
На првиот настап се изведоа композиции кои првпат се изведени на македонската сцена – „Магијата на Обливион“ од Астор Пјацола во изведба на солистот Трајче Малинов на саксафон, од Вивалди „Концертот за четири пијана и оркестар“ со солистите на пијано Светлана Ташева, Габриела Бачманова, Јованче Банев и Илија Настовски и „Клерменс данс“ од Север Никифор.


