Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, соопшти дека партијата не ги признава овие недемократски и полни со нерегуларности избори, како што кажа тоa.
Сакам да објавам дека заради изборно насилство и силување на демократијата, силување на државата. Заради констатирани, евидентирани и документирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор што се вршеше во овие пет недели, заради нечовечките закани, бруталните притисоци, масовниот поткуп. Заради кривичните дела кои ги направија во изборите и согласно одлуката на ИК, ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори, нагласи Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во текот на денешниот ден на гласање беа забележани огромни нерегуларности, индиции за поткуп на гласачи, партиско агитирање, притисоци, закани и уцени од униформирани и од неуниформирани лица. Физичка пресметка, информации за организиран бугарски воз, односно ставање на однапред заокружени гласачки ливчиња, гласачки ливчиња од едни општини носени во други со цел да се извадат ливчиња од тие гласачки места и да се спроведе бугарски воз.
-Уцени врз земјоделци, вработени во државната администрација и на сето ова огромен молк од полицијата која е активен соучесник во овие фалсификувани избори. Рано изутрина беше грубо прекршен изборниот молк. Денот започна со илјадници флаери кои се дел од црната и лажна кампања на СДСМ, расфрлени по домовите во Кисела Вода, Гази Баба и Бутел, информациите се дека при делењето, полицијата е најверниот чувар на активистите кои ги делеле флаерите. Во Кисела Вода видовме како таткото на кандидатот за градоначалник од СДСМ јавно порачува дека сега биле власт, можеле 1.100 луѓе да избркаат од работа и тоа луѓе од Драчево доколу не гласаат врз СДСМ. Најдиректна уцена и закана, посочи Груевски.
-На медиумите се појави видео снимка од Штип со објаснување дека се врши организиран поткуп. Човек кој важи за близок дели пари што упатува дека врши поткуп на гласачи. Полицијата во текот на целиот ден не презеде ништо за расчистува на овој случај. Во текот на денешниот ден регистриран е и спречпен обид за бугарски воз во општина Чаир каде постар човек бил спречен при изнесување на гласачко ливче од изборното место. Исто така гласачко ливче од Гази Баба е пронајдено на гласачко место во Штип. Методологијата им е разработена, однапред заокружени ливчиња им се давале на поткупените гласачи кои истото ливче го ставале во гласачката кутија, а во враќале празното ливче дадено од страна на комисијата со цел истото да биде заокружено од лицата од СДС и така да продолжи кругот на фалсификатот при предавањето на празното ливче, поткупените гласачи ги добивале ветените пари, објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски додаде дека во училиштето „25 Мај“ во скопски Синѓелиќ припадници на полицијата отворено агитирале да се гласа за СДСМ.
-Во Општина Македонска Каменица денес припадници на полицијата заедно со братот на кандидатот за градоначалник на СДСМ кој не е вработен во МВР, запиреле возила на патот кон селото Дурлица и ги пропуштале само оние кои изјавиле или ги препознале дека носат гласачи на СДС. Во Општина Нопваци припадници на полицијата заедно со активисти на СДСМ и директорот на битолскиот затвор вршеа притисок врз гласачи. Им велеле дека доколку не гласаат за СДСМ, цитирам „Ќе ве снајде лоша судбина“. Во Бутел, како што пренесоа медиумите, личниот телохранител на Заев заедно со припадници на полицијата вршеше притисок врз гласачите и правел тензија пред избирачкото место. Во Бутел видовме видео снимка каде советник од СДСМ, неуниформиран полицаец и активисти на СДС отворено се закануваат на граѓани со цел да не излегуваат на гласање. Групно гласање беше забележано во Сарај. Во кавадаречките села Дреново и Ваташа припадници на полицијата ги заплашувале граѓаните да не излегуваат на гласање. Во текот на денот претседателот на СДСМ во Кавадарци, пред избирачко место нападнал активист на ВМРО-ДПМНЕ кој бил набљудувач на избирачкото место. Виница денес никогаш не паметела повеќе полиција, вклучително и специјални полициски сили во полно вооружување како што тоа беше денес. Ова што се случуваше денес не не изненади затоа што целата изборна кампања беше во знакот на организирање на криминални избори, дециден е Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека СДСМ уште на почетокот на првиот круг од кампањата покажале дека не планираат да спроведат фер и демократски избори.
-СДСМ покажа дека не сака да им дозволи на граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Меѓу двата изборни круга, полицијата го премолчи и сведоштвото на брачниот пар од Демир Капија кои беа жртва на закани со убиство од страна на активисти на СДСМ во сопствениот дом, само затоа што кај нив на гости бил кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата молчи затоа што е под директна насока на врвот на СДС. Вчера и завчера активисти на ВМРО-ДПМНЕ од Чешиново, Облешево и Зрновци беа повикувани на информативни разговори во полициска станица без наведен основ, се забележа полнење на кутии со однапред заокружени ливчиња на СДС со бугарски воз, па така гласачко ливче од Карпош беше најдено во Охрид, ливче од Велес беше најдено во Струмица, од Врапчиште во Гостивар, а во Гевгелија во избирачкото место 334 во записник на крајот од гласањето беше евидентирано дека недостасува по едно гласачко ливче од листата за градоначалник и советници. Истото се случи се случи и во Русиново, беровско, додека пак во Ресен на избирачко место во градот се забележани две гласачки ливчиња со ист сериско број што укажува дека биле испечатени двојни гласачки ливчиња со цел полнење на кутиите со однапред заокружени ливчиња на СДС. По самото завршување на првиот круг од гласањ3ето видовме пукање со огнено оружје на партиски собир во Шуто Оризари, случај кој досега не е расчистен од страна на полицијата, следеше сликање на активисти на СДС со огнено оружје пред партискиот штаб во Бутел, случај за кој МВР до ден денес не се произнесе, истакна Груевски.
Потсети дека по завршувањето на првиот круг од изборите бил извршен напад врз претседателот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски од страна на лицето Есад Рахиќ кој по нивните информации формално треба да е се уште во куќен притвор поради случај за трговија со дрога.
-Но, тоа не е пречка тој крвнички да се пресметува со Јакимовски и луѓето околу него. Медиумите објавија фотографии како се делат прехранбени намирници и во ромското маало Тризла, како се поткупуваат гласачи во неготинско, но и во други места. Во Гази Баба, во село Виниче и во селото Булачани активисти на СДС вршеа поткуп со делење на дрва за огрев, додека едно лице, познат активист на СДС од Јурумлери отворено нудело и давало поткуп кај дел од населението. Медиумите го објавија името на ова лице од Јурумлери, но ниту полицијата, ниту обвинителството досега се имаат изјаснето, ниту пак, истото го повикаа на информативен разговор. Во штипските населби Три чешми и Баби населението кажуваше дека секој ден доаѓале луѓе од СДС и нуделе пари, а тарифата се движела од 1.000 до 3.000 денари за глас за кандидат од СДС. Пред изборите добивме информации како во скопско Тафталиџе активисти кои се претставуваат дека се од СДС и кои нудат пари за гласање на граѓани, сумите се движат од 3 до 5.000 денари во урбаните средини. Информации за директен поткуп. За Крива Паланка имаме забележано случаи на делење на зејтин и се изнесува од полициско возило, а за возврат се бара гласање за СДС. Во Крушево имаме забележано случаи каде се делат дрва за огрев, а за возврат се бара да се гласа за СДС. Во Кочани беше приведен наш кандидат за советник без било какви докази, без било какви аргументи. Во Шуто Оризари имавме скршен череп на градоначалник и кандидат за градоначалник, а во Кичево е убиен носител на советничка листа, убиен. А на ова ако се додадат монтираните пријави против кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ кои се поднесуваа како од ракав за смешни и неиздржани работи со цел да се исплашат или уценат, случаите на притисок врз администрацијата, земјоделците, јасно е дека имаме целосно заробена држава. Делот од инженерингот, дел од планот за втерување страв кај народот беа и секојдневните активности на СЈО, кое беше максимално активно во текот на целата изборна кампања. Поактивно од времето до 30 јуни кога имаа законско право да се активни. Сега, иако без законски основ, иако работејќи вон закон хараа каде ќе стигнат со цел да ги заплашат пасивизираат голем дел наши членови и поддржувачи, испраќајќи порака дека ако продолжат да се активни и кон нив ќе има репресии. Особено сега, во услови кога судството е заробено, кога тие се преплашени за себе. Имаме судии кои не се подготвени да се спротивстават на било што, колку и да е тоа правично. Апсењето на Едмонд Темелко, кој ниту избега, ниту планирал бегство, иако ако сакал можел да го направи, освен што е притисок врз него, да го скршат неговиот дух и да го натераат да прифати се што ќе побараат од него е истовремено и порака до сите патриотски настроени граѓани и пред се, Македонци што ќе ги снајде ако продолжат да се борат за својата земја и ако имаат патриотски пориви. Тој беше уапсен во текот на изборната кампања. Кривичните пријави за голем број наши градоначалници и кандидати за градоначалници во текот на изборната кампања и без никаков сериозен основ поднесени беше обид, не само да се деградираат и да се оцрнат пред гласачите во очи на гласањето, туку и да се испрати порака до пошироката јавност, но пред се до нашите активисти дека е добро да се попасивни, или да се повлечат. Бидејќи ако градоначалник или кандидат за градоначалник добил кривична пријава во тек на кампањата тогаш што останува за другите кои немаат никакви функции и моќ, истакна Груевски.
Тој додаде дека тоа било валкана психолошка борба за втерување страв.
-Инаку, имавме кривични за градоначалници од типот дека не ја осигурал зградата која платената револуција ја обои, па потоа чистењето на зградата се платило од буџетот на општината, а не од осигурителната куќа. Значи, нема одговорност за оној кој незаконски оштетувал државен имот, за тоа обвинителството молчи бидејќи е заробена и под партиска капа. Но, има одговорност за градоначалникот кој не го осигурал објектот од фарбањата на платениците од т.н. Шарена револуција. Друг градоначалник доби кривична пријава дека наводно некогаш отишол на службен пат со службено возило, а заборавил сам на себе да си потпише налог за службено патување. Трет градоначалник доби кривична пријава дека наводно неговата приватна градежна фирма, подизведувач, по добиен тендер на главниот изведувач почнала малку порано да изведува со градежни работи, неколку дена пред да се потпише договорот. Можела единствено сама на себе да си направи финансиска штета доколку евентуално не се склучел договорот. Вакви и слични се и останатите кривични пријави на десетина градоначалници од нашите редови. Важно беше да се пушти кривична пријава и да се говори за тоа, ем тие да се оцрнуваат, ем да се втерува страв кај нашите активисти и поддржувачи, дека ова е време на кривични пријави и обвиненија, дека секој може да го снајде истата судбина ако ја налути власта со својата активност, нагласи Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека на овие кривични пријави на кандидатити за градоначалници во периодот кога с еуште како партија правеле селекција на кандидатите, претходеле закани дека ќе добијат кривични пријави нивни потенцијални кандидати за градоначалници, при што неколку од нив подлегнале на заканите и ги информирале во партијата дека иако првично прифатиле кандидатура, потоа се откажале откако ги посетила партиска делегација на СДСМ и ги информирала што ги чека ако се нафатат да бидат кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
-На некои, следејќи ги анктеите, им отидоа и превентивно уште пред ние да им понудиме кандидатура, исто така со закани најчесто со кривични пријави и дел од нив во самиот почеток се откажаа, дел од нив кажувајќи ни искрено и зошто. На нашиот коментар дека немаат ништо сторено и не треба да се плашат, одговараа: па нели гледате дека е лудо време и не треба да си виновен за да одговараш и да бидеш притворен или осуден, рече Груевски.
Тој посочи дека тоа е крајна злоупотреба на власта, која никогаш досега ја немало во Македонија.
-Во оваа кампања, имаше систематски и организиран притисок врз голем број наши претседатели на месни комитети низ цела држава, нешто што во вториот круг зајакна, најчесто со заплашување, со уцена или друг вид на притисок, а во правец на нивно пасивизирање. Вакви притисоци и закани, се вршеа и врз многу наши влијателни активисти и членови, но и други граѓани. Ова беше осмислена, органзирана и систематска операција за нечесно добивање на изборите, со максимална употреба на полицијата, но и на другите државни институции, како инспекциски служби и слично. Покрај заканата директно кон наши членови, и активисти, како и кон обични граѓани, и покрај користењето на полицијата во партиски цели, сосема јасно е дека во овие избори во партиска функција, под притисок беа ставени и обвинители и судии, кои пред се заради страв за себе, изрекуваа се што се бараше од нив. И планираат и така да продолжат, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски вели дека истовремено, истата методологија на уцена, и втерување страв била применета кон медиумите.
-Дел од нив потклекна на притисокот, и речиси и да не информираа во јавноста што се случува на теренот, а дел од нив кои не подлегнаа, веќе подолго време се под прогон, полициски, обвинителски и судски. И планираат така да продолжат. Е ова е заробена држава. Тие кои бараа повеќе демократија и слобода, покажаа дека се најголемите душмани на слободата и демократијата. Како што кажав во едно мое неодамнешно интервју, дел од гласовите кои ВМРО-ДПМНЕ ги доби на претходните, а не ги добие на овие избори, се заради одредена разочараност или лутина на наши традиционални поддржувачи, заради нивна проценка дека се направени некои грешки или слично од централното и ли локалното раководство на партијата, и некои нивни незадоволства поврзани со поединци од нашата партија на различно ниво. Но, тоа е еден дел. Нашата партија во наредниот период ќе треба да направи длабинска анализа, истражување, и се што е неопходно, или да се исправат тие грешки, или доколку не се грешки, а биле разбрани како грешки, истите да се објаснат, на начин кој ќе оцениме дека е најсоодветен. Исто така, за евентуалните грешки, откако ќе ги имаме сите анализи и информации, внатре во партијата ќе ја оцениме одговорноста, и ние од тоа нема да бегаме. Но, во Македонија денес немаше избори. Македонија денес се соочи со екстремно недемократски поход по секоја цена СДС и Заев да добијат некаков си легитимитет кој е потребен на некого, за почеток на операцијата за редефинирање на државата по сите основи. И Македонија денес се соочи со најнов жесток напад да се срози и уништи ВМРО, односно да се уништи имунитетот на Македонците и способноста и волјата да си ја одбранат својата држава со државност и државни карактеристики каква што ги знаеме во моментот. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ се соочи со двоен противник. Првиот е СДС кој е легитимен наш политички противник и кој лесно ќе го победевме во фер и демократски услови. Најголемиот политички противник на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори беше полицијата, која директно, непосредно, жестоко и брутално се ангажираше во партиска цели и интерес на СДС, како и раководителите на целокупниот државен апарат кој вршеше дрзок и нечовечки притисок врз администрацијата, земјоделците, социјално ранливите категории, па дури и врз наставниците и лекарите кои треба да се интелектуалното јадро на оваа држава, нагласи тој.
Груевски истакна дека македонската полиција, која секогаш ја имала нивната почит и поддршка и која и понатаму ќе ја има истата, но за жал паднала на испитот.
-Заради прифаќањето на еден дел од полицајците да одработат партиски, падна на испитот целата полиција, таа падна под жестокиот притисок на една партиска врхушка која е инсталирана во МВР, и претставува класична партиската полиција, класична СС бригада на Заев и Спасовски. Ние ги знаеме сите околу 300 лица кои се дел од оваа инсталирана врхушка и партиска полиција и која го спроведе овој заговор со кој се осквернави македонската полиција, што беше можеби и нечија цел. Партиски полицајци на СДС сквернавејќи ја полициската униформа брутално се конфронтираа со македонскиот народ. Ние ги знеме сите овие лица кои ја киднапираа полицијата, сите се уредно документирани, и по враќањето на ВМРО на власт ќе се соочат со санкции согласно закон. Македонскиот граѓанин не заслужил ваков третман, вакво понижување и вакво изборно насилие. Во Македонија се случија мафијачки ибори. Криминалци во партиска служба во спрега со државниот апарат. Кој и што да каже, кој и што да опонира, кој што и да го нападне овој мој говор, за што сум свесен дека ќе се случи затоа што тоа е дел од одработувањето на медиумската машинерија на СДС, што и да прават, колку и ОБСЕ да напише најпофален извештај, колку и да добиваат пофалби од меѓународната заедница, на секој еден граѓанин во оваа земја, потенцирам на секој еден граѓанин му е совршено јасно дека фер и демократски избори во Македонија немаше, имаше, закани, уцени, притисоци и огромен поткуп, а со сето оваа и еден вид терор врз граѓаните во правец на нечесно добивање на изборите, нагласи Груевски.
Тој вели дека не само нивните активисти и членови, туку и членовите на ИК, ЦК и пратениците биле секојдневно на терен и го констатирале истото во директна комуникација со илјадници граѓани.
-И на најжестоките членови на СДСМ, за кои сакам да кажам дека ја имаат нашата почит како противник, им е јасно дека ова е насилие врз еден народ и дека денес ние од ВМРО, нивните комшии, сограѓани, можеби и нивни роднини и пријатели, сме жртви на едно насилие, ама се свесни дека тркалото се врти и сигурно не се среќни со ова што нивната врхушка го прави, и сигурно и покрај еуфоријата сепак се прашуваат што ќе биде кога ќе дојде време за сведување на сметките. Веднаш ќе им кажам, нека не се плашат, никој нема да ги допре нив, никој нема да допре некој човек кој не се огрешил, ама инсталираните марионети од нивната врхушка кои се организатори на овој невиден државно насилство ќе сносат одговорност. Ќе одговараат затоа што ова не беше само силување на демократијата, ова беше брутално силување на државата Македонија. Тие дела не застаруваат, тие секогаш ќе бидат во колективната меморија на македонските граѓани, во луѓето, во семејствата, и кога е така неминовно е дека правдата ќе дојде и правдата ќе биде задоволена. Еден од нас да остане, еден од ВМРО да остане, а ќе останат и повеќе бидејќи немате сила да не уништите сите, еден да остане – ќе ја врати правдата и ќе им ја донесе правдата каде и да се наоѓаат! Заев и СДС сакаат да лапнат преголем залак, ама ќе си ги скршат забите! Ова битка допрва почнува. Во ситуација кога се гази државата, кога се силува демократијата, кога се врши изборно насилие, во отсуство на било каква реакција на органите да се заштити граѓанинот и државата, ние сме принудени да се саморганизираме. И да се бориме, нашата борба е света должност бидејќи се бориме за правда. Ние не сме причината за оваа битка за Македонија, нашата акција е само реакција на изживувањето кое го прави една хунта која е насилно донесена на власт. Тие ја отворија оваа врата, ние не сме причината за битката, ама ние сме средството со кое што Македонија ќе победи, вели Груевски.
Тој додава дека од утре ќе бидеме сведоци на една нова пеколна тура на нови изживувања.ж
-Нови малтретирања, спектакуларни акции на партиската СДС полиција за апсења на политичките противници, носење на лица во притвори и затвори, затоа што тие мислат дека на тој начин ќе не скршат, дека сега е време да го решат ВМРО, пред да ја решат Македонија. Се лажат, ние ќе издржиме. Ние не се плашиме од вашиот терор, ние сме ВМРО и ние ќе го поразиме тоа Ваше насилие. Ние разбираме дека историјата има циклуси и се повторува, дека дел од нашата епопеја подразбира и да бидеме и шиканирани, оцрнети, клеветени, бркани од работа, тепани, притворани, затворани, убивани, и ние смело влегуваме во оваа мисија не стравувајќи ни за момент за нашиот живот, ние сме навлечени на Македонија и таа љубов вреди, таа љубов Заев не може да ја разбере, таа љубов вреди, вреди и жртва и саможрвта, вреди да се бориш за Македонија. Ако ние не се бориме денеска, утре вие почитувани граѓани, и оние кои не подлегнавте и оние кои подлегнавте на притисоците и понудите, утре и вие ќе бидете жртва на теророт на хунтата на Заев. Ова изборно насилие, само ќе се зголемува бидејќи мислат дека се недопрливи и се влезени во неоснован и неправилен триумфализам. Нашата борба е борба и за вас, потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата по завршување на вториот круг од локалните избори.
Извор:Курир