Во синоќешното гостување во вестите на Канал 5 телевизијата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на новинарско прашање во врска со ставот на партијата за претстојниот референдум за промена на името на Република Македонија, најави дека сите чекори кои може ВМРО-ДПМНЕ да ги превземе стојат на располагање во идниот период а во интеренс на граѓаните на државата.
ВМРО-ДПМНЕ во рамките на ова лето има акција која што е наречена „Лето за Македонија“ и во рамките на таа акција правиме консултација со многу граѓани секој ден, правиме консултации со стотици граѓани, се разбира и со членството на партијата, со партиските структури, со општинските комитети. Како што знаеме кампањата за референдумот отпочнува некаде на 10-ти септември и до тогаш се надевам оваа акција ќе трае, така што јавноста благовремено ќе биде информирана за сите чекори на ВМРО-ДПМНЕ во иднина,
-потенцираше Мицкоски.
На прашањето дали можеше да се постигне подобар договор со Грција тој вели дека доколку тој се прашува секако дека можеше да се постигне договор, затоа што содржината, но и импликациите кои што се резултат на овој т.н. договор се катастрофални за Република Македонија.
Во тој контекст Мицкоски истакна дека тој останува принципиелен и дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е неменлив и тој е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати промена на Уставот, а со цел промена на уставното име.