Опозицијата во Македонска Каменица по повод тригодишното владеење на градоначалничката Соња Стаменковска реагираше во јавноста во врска со големиот број на нереализирани проекти кои што таа ги има ветено во својата предизборна програма.
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Македонска Каменица исто така алармираат во јавноста за големиот број на проблематични појави поврзани со работата на градоначалничката Стаменковска кои според нив се одразуваат негативно врз ситњ граѓани на општината.
Во продолжение ја пренесуваме реакцијата по овој повод упатена во јавноста од страна на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Македонска Каменица:
“Во првите 3 години од мандатот, градоначалничката на М.Каменица Соња Стаменкова ги остави нереализирани следните проекти од нејзината предизборна програма: нови детски игралишта, комплекс спортски терени на помошното игралиште, велосипедски патеки, награден фонд за спортисти, финансиска и нефинансиска подршка за младите, бизнис центар и индустриска зона, колектор за фекални води, енергетска ефикасна општина, доуредување на МТК Еленец, доградба и осветлување на каменичкиот кеј, систем за наводнување на зелени површини, два моста во централно градско подрчаје, пешачка патека околу Калиманско езеро, нова општинска административна зграда, стационар за кучиња, нова сообраќајна сигнализација, доопремување на Домот на културата, ангажирање на стручни лица во Канцеларијата за земјоделство, патна инфраструктура во Костин Дол, детско игралиште во Луковица и Моштица 1, костурницата во Цера, домот за пензионери во Саса, уредување на споменикот на Вера Јоциќ во Саса, водоснабдување на домаќинствата во Цера и многу други проекти за селата.
Но Соња не седеше со скрстени раце. Таа успеа да ги прошета европските држави и Америка на општинска сметка, на партиските војници кои ги донесе во општината им исплаќаше патни сметки за “службени” патувања, ги отстрани од општинскиот веб сајт сите склучени договори за јавни набавки, го крие општинското знаме, ја крие сумата која општината ја платила за нејзиниот “мурал”, никој не знае каде завршија 6 милиони евра од рудничката концесија кои мистериозно исчезнаа од општинскиот буџет, нејзините директори “владеат” со општинските институции како со приватни фирми и со истечени мандати, хлорните станици во селата се прескапо платени и не функционираат, фекалната канализација на улица Даме Груев се гради без проект, се узурпира државно земјиште за полнење на приватни џепови и се вршат многу други малверзации кои идниот градоначалник на М.Каменица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги открие и соопшти на граѓаните. Граѓаните на М.Каменица во овие 3 години сфатија зошто овој режим треба да си оди и никогаш повеќе да не му се дозволи пристап до општинските ресурси.”


