Партизацијата и злоупотреба на институциите од страна на локалните власти и градоначалникот на Штип Сашко Николов преку селективна примена на законите денеска беше тема на прес конференцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Штип.
Игор Ефтимов од Општинкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Штип посочи на селективност при спроведувањето на наредбата од страна на општинските власти кон граѓаните на Штип да ги отстранат своите времени објекти од јавните површини. Селективноста при спроведувањето на оваа наредба е применета во случајот со претседателот на Општинската организација на СДСМ во Штип, чиј што лимен објект се уште стои додека останатите граѓани морале да ги отстранат своите времени објекти.
“Власта пред 5 месеци, со извршна наредба ги задолжи граѓаните во најкраток можен рок да ги отстранат гаражите, голубарниците и сите други видови привремени објекти.
Но, додека „обичните“ граѓани од 8ми Ноември, Автокоманда, центарот на градот… МОРАА да ги отстранат своите објекти, тоа не важеше за оние кои држат високи позиции во СДС.
Таков е случајот со претседателот на ОО СДСМ Штип. Истиот, или поради тоа што е највисок функционер на СДС во Штип, или поради тоа што е Раководител во општината, сѐ уште го нема отстрането својот нелегално поставен привремен објект во населбата Сењак.
Ова се показатели дека властите со милост се однесуваат само кон „своите“, а оние кои припаѓаат на обичната граѓанска маса немилосно се мерат под аршинот на сите можни закони во државата.”
-посочи Игор Ефтимов во неговата денешна прес конференција на лице место кај спорниот времен објект.


