На вчерашната прес конференција од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип упатија серија обвинувања со посочени аргументи дека Јавнотo претпријатие “Исар” од Штип не си ја врши соодветно дејноста за која од граѓаните прибира на различни начини финансиски сретства како јавна давачка.
Во продолжение ја пренесуваме во целост прес конференцијата на Игор Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ Штип:
Веќе подолг период сме сведоци на неработењето на ЈП Исар. А за време на верскиот празник Духовден, граѓаните повторно се фрапираа од ужасната глетка при посета на вечните почивалишта на нивните најблиски.
Високите треви и опасните животни беа само дел од целокупната слика која ја споделија штипјани и кај нив се шири огромно незадоволство од неодговорноста на комуналното јавно претпријатие. Од увидот на терен, јасно се гледа дека градските гробишта личат на неуреден и тешко достапен терен, од кој демнат бројни опасности.
Граѓаните на Штип одговорно и редовно си ги плаќаат сметките, но ЈП Исар непропроционално одговара на нивните потреби. Имено, во сметките е вклучено и одржувањето на градските гробишта, а истите не се одржуваат и се оставени на милост и немилост на природата. Меѓутоа, тоа не го спречува јавното претпријатие преку извршител да ги казни оние граѓани кои навреме не си ги подмириле долговите.
По не знам кој пат, ВМРО – ДПМНЕ апелира до ЈП Исар да биде одговорна и доблесна институција и да си ги извршува редовните програмски работи и се надеваме дека локалната власт нема повторно да не обвини нас, како опозиција, дека сме виновни за очајната состојба во која се наоѓаат.
Затоа што, како што граѓаните итаат на први да си ги платат сметките, така и Исар треба соодветно да си ја врши дејноста за која секое семејство одвојува од и така скромниот буџет.