Во Прилеп, беше промовирана детската едукативна сликовница „Иван и Илина“ за лицата со Даунов синдром на авторот Мимоза Петревска Георгиева, која е новинарка и мајка на девојче со Даунов синдром. Сликовницата може да се најде на македонски и албански јазик и е наменета за деца на возраст од 7 до 12 години.
Целта на сликовницата е да ја пренесе приказната од нашето секојдневје, која отсликува неколку реални ситуации кога едно дете ќе се сретне со дете со Даунов синдром. „Ова е прво печатено идание на сликовница „Иван и Илина“ поддржано од Министерството за култура, излегува и на македонски и на албански јазик. Таа претходно излезе во електронско идание на страницата на нашето здружение “Сината птица’, но сепак сум пресреќна зошто ја имаме и во печатено идание. Сите оние што се заинтересирани да прочитаат нешто повеќе за децата со Даунов синдром да може да ја имаат во своите раце.
Идејата да се напише оваа сликовница беше тоа што, јас сум мајка на девојче со Даунов синдром. Низ годините забележував дека децата со кои мојата ќерка доаѓа во контакт немаат информација за тоа какви се овие деца, кои се проблемите со кои тие се соочуваат, кои се нивните карактеристики. И кога не знаеме се плашиме и повлекуваме и токму преку оваа сликовница, преку нејзината нарација сакам да им покажам како е тоа да се има другарче со Даунов синдром“, вели Мимоза Петревска Георгиева, автор на сликовница „Иван и Илина“.
Сликовницата ќе се подели бесплатно во неколку училишта и училишни библиотеки во Прилеп, Штип, Струмица, Тетово и Скопје.