„Чув за Државата и тргнав да ја пронајдам. Се зареков дека добро ќе ја разгледам одблизу, кога ќе ја забележам.
А тогаш видов полицаец, како влече пијаница во затвор. Беше тоа Државата во акција.
Видов одборник како рано наутро се вовлекува во судницата и разговара со судијата. Покасно, тој ден, судијата ослободи некаков џепчија… И повторно видов како Државата се снаоѓа.
Видов војници како подигаат пушки на работниците, кои се обидуваа да наговорат други работници да бидат подалеку од големата продавница во која се штрајкува. Држава во акција.
Па така, насекаде видов дека Државата ја чинат луѓето, дека е од крв и месо, дека има многу усти што шепотат и многу уши, дека праќа телеграми, дека посегнува по пушки, издава наредби…
Државата е, исто така, таинствена и чувствителна, како и секој грешен смртник, натоварен со микробите, традициите и крвните зрнца, превземени од татковците, и мајките и од поколенијата пред нив.“
НАПОМЕНА. Претходните редови беа извадок од песмата „Држава“ од Карл Сандберг. Лесно, но и тешко е да се препее Сандберг, бидејќи пишува во слободен стих, без рима. Пишува еден вид поезија во проза, со свој специфичен стил. Англискиот збор „government“ (кој буквално значи влада) го преведов со „држава“.