Штом Бог завршил со создавањето на светот и видел дека дека сето тоа е добро, се наведнал кон земјата и ја бакнал. И онаму каде што Бог ја бакнал земјата, своето создание, таму никнал човекот, круна на своето создавање. Човекот е Божји бакнеж на земјата. Никнат од љубовта Божја. Да љуби и да биде љубен. Никнат за љубов.
Каква е таа љубов? Како изгледа таа љубов? Таа е онаа љубов, која што има раце кои можат да им помогнат на испружените раце за помош. Таа е онаа љубов која има очи за да ги види бедата и јадта околу себе. Онаа која има уши да ги слушне оние кои ја повикуваат. Онаа која што има нозе да отиде кај оние кои имаат потреба од неа. Таа е онаа љубов која се отелотворила во Исуса Христа и станала критериум за секоја љубов. Таква е вистинската љубов, онаа, која ние не сакаме да ја видиме со нашите ширум затворени очи. Нашето срце е ширум затворено за љубовта. Ниту љубиме, а во последно време, ниту сакаме да бидеме љубени. На денешниот човек како да му е доволна неговата љубов кон себеси. Ниту дава, ниту сака да зема, или да прима. Сме навреле врз нас некаков ладен оклоп кој блокира секаква меѓучовечка комуникација.
Затоа живееме во грч. Денес е чудно да се смееш, а нормално е да тагуваш и да шеташ наоколу намрштен. Депресијата, денес, е секадеприсутна. Таа е оправдан животен став, а антидепресивите се „лебот наш насушен“.
Но да не очајуваме зашто љубовта, во нашите раце и срца, е своевиден динамит со кој можеме целата цивилизација да ја дигнеме во воздух, светот да го свртиме наопаку и да донесме мир и љубов во оваа долина на тагата и мракот.
За тоа, потребно е само „да се љубиме еден со друг“, да имаме на ум дека „ако немаме љубов, ништо не сме“ и, дека најмалиот акт на љубов вреди повеќе од илјадници зборови!


