Во продолжение ја пренесуваме интегрално прес конференцијата на Иванчо Тошевски во врска со обраќањето на Зоран Заев пред Битолчани а во врска со претстојниот референдум за промeна на името на Република Македонија:
Господине Заев, Битола е градот кој во себе го има европскиот дух, европскиот шмек, а битолчани ја негуваат европската култура и вредности.
Битола и битолчани отсекогаш имале јасна европска визија и наместо да учите од нив што е политика, што е дипломатија, што е Европа и што е патриотизам, вие уште еднаш синоќа дрско манипулиравте со велепредавството.
Синоќа во Битола се обидовте на многу потценувачки начин за нас битолчани да ни кажете дека после утринското кафе во недела на 30 септември треба да сме подготвени да гласаме за вашето политичко насилие, неспособност, неработење и за прифаќање на штетниот договор.
Зборувавте за проекти финансирани со европски пари, но дали знаете дека сите европски проекти во моментов во Битола се стопирани? Општина Битола е парализирана и тоа само поради неспособноста и неработењето на Наташа Петровска, а не поради спорот со нашиот јужен сосед.
Зошто синоќа не кажавте до каде стигнавте со реформите во економијата, правосудниот систем, образованието, здравството, земјоделието? До каде е поддршката за Битола која ја најавивте при вашата претходна посета или зошто не ги промовиравте скандалите со милионски суми на евра кои се секојдневие на вашето владеење?
На кои битолчани им се обраќавте синоќа кога Битола беше преплавена со автобуси и возила од сите соседни градови?
Почитувани битолчани,
Не очекувајте од луѓе кои одлучиле да го предадат својот народ да имаат разбирање за нашето меѓусебно почитување. Космополитскиот дух на конзулска Битола, но и за локал патриотизмот кој нас битолчани ни прави да се чувствуваме поблиски и обединети при носењето на важни одлуки.
Битола никогаш не погрешила во клучните моменти низ историјата, така ќе биде и овој пат.