Во текот на завчерашниот ден (среда, 16 октомври) во Основното Општинско училиште “Раде Кратовче” во Кочани се случил немил настан во кој што според расположивите информации кои ги имаме настрадал наставник во одделенска настава.
До нашата редакција стигнаа информации дека некаде околу пладне во предметниот ден група од неколку роднини на еден ученик во одделенска настава пристигнале во училиштето, од кои двајца наводно физички се пресметале со наставник од училиштето тегнејќи го за облеката, заканувајќи му се по безбедноста и неговиот живот. Наставникот, извадил лекарско уверение за нанесени телесни повреди а инцидентот го пријавил кај одговорните од училиштето при што е покрената кривична постапка од страна на училиштето против сторителите. Дополнително според нашите информации после инцидентот наставникот добивал телефонски повици од страна на роднините на ученикот со вербални закани по неговата безбедност со цел да го заплашат наставникот за да ја повлече изјавата/пријавата.
Дополнително за случајот биле информирани и во Независниот синдикат на образованието.
Ваквата појава не била за првпат во училиштата во Кочани па поради ваквиот инцидент како и повеќе претходни потенцијални ситуации за ваков и слични инциденти, повеќе наставници од Кочани реагираат во јавноста за својата безбедност.
Во една од реакциите на наставниците упатена до јавноста стои:
Вчера во 12 и 30 часот, е нападнат колега од ОУ „ Раде Кратовче “ од страна на дедо на ученик. Во оваа време каубојско во кое учителите се доведени на најниска положба во општеството, а и од страна на граѓаните кога сме навредувани поради барањата за покачување на платите преку легитимното право – штрајкот, се случи и ваков немил настан. Сега го прашувам основачот на основните училишта во Кочани, дали не е редно време некој да не заштити?
Целиот настан се случил пред малолетните ученици, кои биле видно вознеирени!
Замислете, ни еден локален медиум нема објавено за ова.Голема поддршка за колегата во ОУ „ Раде Кратовче “ !!!!
Според нашите информации за немилиот настан заинтересирана била и одредена граѓанска организација како и претставник на политичка партија кои ги застапувале роднините на ученикот кои според наставникот извршиле насилство врз него.
Во врска со овој немил настан упативме повеќе прашања до Локалната самоуправа од Кочани од каде ни ги доставија следното известување:
Информирани сме за немилиот настан што се случил на 16 октомври 2019 година во ООУ „Раде Кратовче“, во кој биле загрозени безбедноста и здравјето на наставник од одделенска настава.
Како единица на локалната самоуправа со одредени надлежности во образованието, преку Одделението за јавни дејности преземаме соодветни мерки. За расветлување и постапување по случајот е закажана средба и на стручни служби од Полициската станица, Центарот за социјални работи, Државниот просветен инспекторат и други институции.
Остро реагираме против насилството во образованието и даваме целосна поддршка на сите надлежни служби во решавање на случајот.
Не добивме одговор на прашањето дали ќе се зголемат мерките за безбедност на наставниците во училиштата и од кој обем.