Во текот на вчерашниот и денешниот ден по зголемувањето на рестрикциите од страна на Владата со донесената Одлука за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата, помеѓу граѓаните и стопанството останаа повеќе прашања неразјаснети.
Со оваа Одлука се воведува забрана за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.
За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник на целата територија на државата.
Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 часот до 12:00 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 часот до 15:00 часот.
Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.
Новите ограничувања стапуваат на сила во среда, 8-ми април 2020 година во 16:00 часот.
Во Брегалничкиот регион кој што е доминантно земјоделски крај со интензивни земјоделски активности кои изискуваат работа во текот на целиот ден, 24 часа од денот, се појави одредена загриженост кај земјоделците за нивната работа.
За таа цел од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во однос на новата забрана за движење што ја донесе Владата на Република Северна Македонија, а којашто стапува во сила од среда (08.04.2020), ја информираат јавноста следното:
-Земјоделците што имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а кои се наоѓаат во атарот на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење.
-Земјоделците пак чиишто земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото во кое живеат и треба да патуваат, а имаат работни обврски поврзани со производството, задолжително треба да извадат дозвола за движење.
Вадењето дозволи за оние земјоделци кои треба да патуваат од местото на живеење до локацијата кадешто им се наоѓа земјоделската површина или фарма, ќе биде по претходно воспоставениот принцип, преку Подрачните единици на МЗШВ. Досега, се издадени 3.491 дозвола за движење на земјоделци заради извршување на работните обврски.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикуваат земјоделците да ги почитуваат новите препораки на Владата, и движењето да го користат исклучиво за работни обврски, со цел заеднички да се придонесе во справувањето со коронависрусот во нашата држава.


