Последните неколку месеци медиумите и социјалните мрежи се преполни со вести околу нашата европска перспектива, (не)направените реформи и датумот за отпочнување преговори со ЕУ.
Факт е дека целиот политички естаблишмент од осамостојувањето до денес се стреми за членство во ЕУ.
Она што е специфично за сегашната политичка гарнитура е тоа што се обидува да наметне теза во јавноста дека доколку државата не добие датум за отпочнување на преговорите, ќе се случат црни сценарија од типот на распаѓање на државата, етнички конфликти и сл.
Очигледно е дека датумот се користи како политичка алатка од страна на власта, со цел и понатаму да владее заплашувајќи го народот.Треба да биде јасно дека (не)добивањето на датумот нема да значи живот или смрт за државата, туку за партијата (СДСМ).
Кога сте веќе трета година на власт, и кога немате направено ниту една суштинска промена за бенефит на граѓаните, а пред избори сте ги кренале очекувањата многу високо, ви преостанува само да манипулирате и да ја замајувате јавноста со фамозниот датум за преговори. Преку розови очила да креирате слика дека кога ќе го добиеме истиот, ќе станеме Швајцарија.
За жал, далеку сме од сценариото “Швајцарија”. И со датум и без датум, политичкиот систем во Македонија и понатаму останува трул бидејќи го предводат истите луѓе коишто не се способни да испорачаат резултати, наместо да се даде шанса на соодветни и способни кадри.
Повторно има одлив на млад кадар, а студентите живеат во ужасни услови. Дивоградбите продолжуваат, Охридското Езеро се уништува. Непотизмот не само што не е искоренет туку е и зголемен, грижата за екологијата е сведена на нула иако Скопје е меѓу најзагадените градови во светот, а премиерот наместо да даде шанса на млади, стручни и амбициозни луѓе, продолжува да ги ротира истите ликови што ниту некогаш покажале резултат, ниту пак ќе покажат.
Решавањето на суштинските проблеми треба да е наш приоритет, без разлика дали бркаме датум или не. Ако се работи пристојно и достоинствено, резултатите ќе дојдат сами по себе. Наметнувањето на деструктивни тези во јавноста е само политичка алатка и ништо друго.
Потребни се нови играчи, а не рециклирање на корумпираните и неуспешните.
Борбата не е за датум, туку за опстанок на политичката елита.
Пишува: Христијан Илиевски


