“Земјотрес во Скопје удира токму во миговите кога луѓето ќе го изумат чувството за заедништво. Кога ќе снема минимален заеднички интерес, кога моралот не е во мода веќе. Фестивалот Земјотрес е ритуал за јакнење на заедништвото на квалитетната македонска музичка сцена, со желба да покажеме релевантна содржина во време на инстант потрошувачка и вредности вон континуитет. Генерациите, музичките стилови, па и идеалите се менуваат, но алтернативната културна понуда е есенцијална за поттикнување на духот на новите, се побројни сограѓани со пософистицирани естетски потреби.
Земјотрес е директна комуникација помеѓу генерациите, музичките стилови и навидум различните интереси на нашите музичари. Широка платформа за презентација на едно постоење, но и постојана промена. Некомерцијален манифест во интерес на духовната и економска оправданост на нашето музичко шаренило. Вашето присуство е директна инвестиција во солидна иднина. Придружете ни се, заедно сме сцена. А, да…и сила. “
-со оваа куриозитетна објава е најавена музичката манифестација насловена како “Земјотрес” на која ќе настапат сите позначајни Македонски музички имиња кои што се присутни тековно на музичката сцена во Скопје..
Настанот ќе биде поделен на три сцени и вкупното музичко доживување ќе трае околу 9 часови во кој временски период познати и реномирани бендови ќе настапат заедно со нивни помалку познати колеги за да ја претстават актуелната музичка понуда во Скопје, но и ширум Република Македонија.
На листата на потврдени бендови што ќе настапат се легендарните Ласт Експедишн, Флукс, Сашко Костов и Сетстат, но и помалку афирмирани музички имиња кои во моментот ја чинат Македонската музичка сцена.

Билетите за настанот се пуштени во претпродажба по цена од 250 денари а настанот ќе започне во 19.00 часот во МКЦ. За пасионираните колекционери на музика ќе има поставено штандови со музички изданија на независни музички издавачи од каде посетителите ќе можат да го купат својот музички фаворит/и кој ќе им ги разубавува деновите во ова бурно секојдневие


