Дополнителната заменик министерка за финансии во Техничката Влада Гордана Димитриеска-Кочоска со своја писмена реакција во јавноста алармира за високото ниво на исплатени пари од Буџетот на Владата на СДСМ и Зоран Заев во изминатите 2 години за плати на вработените на определено време во владата.
Бројките кои Кочоска ги изнесува во јавност говорат за зголемување од над 390% на трошоците по основ на вработување на определено време сметано од 2017 до 2019 година.
Притоа заменик министерката Кочоска упатува во јавноста отворен прашање и сомнеж дека ваквото зголемување на платите за вработените на определено време можеби е поврзано со влијание на расположението на граѓаните во однос на претстојните избори.
Во продолжение ја пренесуваме во целост реакцијата на заменик Министерката Гордана Димитриеска Кочоска:
“Почитувани граѓани,
Веќе информирав во однос на тоа колку средства троши државата за привремени вработувања, колку планирала и планира нови вработувања на неопределено време, а денес дозволете да ве информирам за износите на потрошени финансиски средства за вработување на определено време.
Од 2017 година до февруари 2020 година, оваа Влада потрошила вкупно 16.350.754 денари за вработување на определено време. Владата на СДС за само две години сметајќи од 2017 година до 2019 година трошоците по основ на вработување на определено време ги зголемила за 395%.
Во месеците јануари и февруари 2020 година има раст од 3.06% на трошоците по овој основ споредено со износот потрошен за истиот период 2019 година, а со податоците од 2018 година има раст од неверојатни 591%. Дали ваквиот пораст е поврзан со периодот пред изборите?
Сите овие бројки, сите овие износи и покрај нивната големина и гломазност не ја прикажуваат целосната слика за тоа колку средства се потрошени за оваа намена, во истите не се вклучени податоците за државните и општински јавни претпријатија и трговски друштва.
Имено, привремените вработувања преку Агенциите за привремени вработувања и вработувањата на определено време немаат за цел трајно пополнување на работно место, ваквите пополнувања на работни места е заради краткотрајни и непредвидливи ситуации во строго законски определени случаи.
Па оттука, колку непредвидливи ситуации имало за времето на оваа власт, колку неодложни работи се јавиле при работењето, за овие трошоци да се изразуваат во мегаломански размери. Или оваа Влада не може добро да ја испланира потребата во работните процеси во јавниот сектор?
Згора на тоа, овие ситуации биле веројатно толку специфични за што не можел да се употреби капацитетот на постојната администрација односно капацитетот на околу 130.000 лица… Неодложните и итни работи за кои се потрошени овие средства можеби се поврзани со влијание на расположението на граѓаните во однос на претстојните избори?”


