Денес, кога повторно растат нечии етнички апетити, кога се преименуваат училишта според етнички принцип, кога се бара пропорцијална етничка застапеност дури и во доделувањето на награди на популарноста и забавата („Златна Бубамара“, на пример), кога се воведува двојазичност на целата државна територија, кога предизборно се менуваат границите на изборните единици, го објавувам (малку скратен) мојот текст „Нерамковен договор“, објавен во „Утрински весник“ од 22.12. 2001 год., стр. 9.
„МИР И ПРОМЕНИ. Во делот 1.1. се тврди: ‘Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.‘ Сепак, Договор е донесен под притисокот на оружјето, со јасни предупредувања дека без Договорот ќе има војна. Веќе на ова ниво се покажува во каква колизија и нејаснотии запаѓа Договорот. Наедно, ова говори дека е донесен под притисок – воен и надворешен. Според тоа, не е легитимен.
ПОЗИТИВНА ДИСКРИМИНАЦИЈА. Синтагмата е бесмислена, што значи глупава. Затоа, во светот е нaпуштена. Сепак, ја има во Договорoт. ‘При уписот на државните универзитети на нови студенти, кои припаѓаат на зедници кои не се мнозинско население во Македонија, ќе се применува принципот на позитивна дискриминација.’(6.3). Значи, сеедно што некој имал помалку поени, ќе биде примен на факултет, бидејќи припаѓа на одредено национално малцинство. Ова е во директна колизија не само со здравиот разум, туку и со Договорот, во кој претходно се тврди: ‘Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица…’(4.1.).
СТРАНИ НА ДОГОВОРОТ. Нејасно е кои се страните во Договорот и во кое својство се јавуваат. Тој е потпишан од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП, како и од претседателот на Републиката, премиерот и специјалните претставници на ЕУ и САД. Сепак, нејасно е врз основа на која уставна или законска одредба овие лица го потпишале документов. Особено збунуваат потписите на Леотар и Пердју, бидејќи тие ниту се лидери на некоја македонска партија, ниту се членови на некој државен орган, ниту се граѓани на Република Македонија. Оттука, како е можно како страна-потписник на еден документ, со кој се регулираат в н а т р и ш н и т е односи во една држава, да биде некој кој не е граѓанин на таа држава. Освен ако не се работи за п р о к у р а т о р и. Тие се можни само ако постојат п р о т е к т о р а т и…
ЕТНИЗИРАЊЕ. Со Договорот се предвидуваат повеќе службени јазици. Така, во него се тврди: ‘Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така, е с л у ж б е н ј а з и к.‘ (6.5, под. Љ.Ц. Види ги и членовите 6.8. 7.2, 7.3. 7.4, од приложените уставни амандмани). Ова значи воведување повеќејазичност на ниво на државата… Тоа е чекор кон етнизирање и парцијализирање на државата… Дека не се работи за случајност говори и фактот што во целиот Договор се определуваат правата на етничките заедници и нивните меѓусебни односи, наместо да се говори за индивидуални човекови права и нивно унапредување. На моменти работите добиваат гротескни димензии. На пример, со амандманот кон член 78 од Уставот, предвидено е формирање на Комитет за односи меѓу заедниците, како да се работи за племенска заедница, а не за заедница на граѓани. Во истиот член се среќава синтагмата ‘водачите на релевентните заедници‘, која неверојатно потсетува на синтагмата ‘поглавиците на племенските заедници.‘
ЛОКАЛНА САМОУПРАВА. Во делот 3.2. предвидена е ревизија на општинските граници. Таа ќе биде спроведена ‘… од страна на локалните и националните власти, со меѓународно учество.‘ Прво, што значи терминот ‘учество‘ и, второ, какво е тоа меѓународно учество во креирањето на внатрешните граници на една суверена држава? Или, Македонија дефинитивно го губи суверенитетот, преобразувајќи се во протекторат на ‘меѓународната заедница‘? Сомнежот дека се работи за губење на државниот суверенитет се засилува кога ќе се прочитаат некои делови од Анекс Ц, кој се однесува на имплементацијата на Договорот. ‘Страните, исто така, ги покануваат ОБСЕ, Европската унија и САД да ја зголемат обуката и програмите за помош на полицијата, вклучувајќи… распоредување, колку што е можно побрзо, на меѓународни набљудувачи и полициски советници во чувствителните области.‘ (5.3.)
ВЕТО. Воведувањето вето е еден од спорните моменти. Ова право е воведено перфидно. При донесувањето на многу витални одлуки, покрај двотретинско мнозинство, се предвидува да се има и половина гласови од претставниците на етничките малцинства.(Види член 5.2., како и уставните амандмани кон чл. 69.2 и понатаму). Тоа значи дека доволно е 16 пратеника да бидат против некоја одлука и таа да не биде донесена, сеедно што за неа гласале 104 пратеника. Значи, волјата на 16 луѓе се става над волјата на 104 луѓе!
Овој Договор не води кон стабилизација на Републиката, туку кон нејзина дезинтеграција… бидејќи е надвор од сите логички рамки. Исто така, тој не води кон стабилизација, бидејќи уште сега албанските лидери предупредуваат дека во него се опфатени само дел од нивните барања. Значи, главните барања допрва ќе следат. Тогаш, која е смислата да се донесуваат палијативни решенија во услови кога се најавуваат наредни сериозни барања?“
Ова беше напишано и објавено пред дваесетина години. Значи, сѐ беше најавено и одлучено. Сепак, некои и понатаму се чудат и се шокираат, прашувајќи се што ни се случува. Ни се случува тоа што тогаш го премолчивме што заради страв, што заради интерес, што заради лична корист и додврувања, што заради…
П.С. Текстот целосно е објавен во книгата Љубомир Цуцуловски: „Политички сказни“, 2002, стр. 309-314


