Моментално, светот се соочува со еден од најголемите предизвици по Втората светска војна, во кој за среќа од сета несреќа не сме си еден на друг непријател. Напротив, се појави ретка можност кога сите сме на иста страна и може сплотено и заеднички да се бориме против пандемијата.
Првично, мора да согледаме кој е досегашниот импакт на COVID-19 на светот. Во текот на само 3 месеца, овој вирус успеа да се прошири во сите држави во светот, да зарази повеќе од пола милион луѓе, да убие повеќе од 25 000 луѓе, целосно да ги парализира сите најмоќни држави, драстично да ги намали сите светски економии и берзи, да предизвика панично пазарење и празнење на маркети кое беше невидено со децении наназад, да ја ограничи слободата на луѓето да излегуваат од дома или пак да се движат и патуваат како што би можеле во нормални околности.
И тоа не е се!
Вирусот се уште не го достигнал пикот, барем не во западниот дел од светот. Според ова, воочливо е дека корона вирусот успеа комплетно да ни го промени начинот на живот во рок од само неколку недели. Овa укажува на тоа дека сите светски системи не се подготвени да се справат со катастрофа предизвикана од натчовечки причини, за разлика од воената подготвеност, за која светот само претходната година потрошил 1,82 трилиони долари!
Е сега, доаѓаме до тоа кој е виновникот за оваа ситуација? Портпаролот на секоја влада ќе ви каже дека никој не можел да очекува нешто со толкав размер и дека ова било изненадување. Но, дали навистина беше ненајдено? Како би можело да е изненадување кога досега имало неколку слични примери на епидемии и пандемии од зоонози, односно болести кои потекнуваат од животни, само во последните две децении, како САРС, свински грип (H1N1/09), пилешки грип (H5N1; H7N9), МЕРС, ебола, зика. Воедно, се обвинуваат и владите кои не го сфатија доволно сериозно вирусот иако можеа да ги искористат сите податоци и искуства од Кина. Дополнително, има и голем број на анализи и испитувања кои ја потврдуваат веројатноста од опасна пандемија во блиска иднина, како еден од најголемите ризици за човештвото. Во текот на последниот месец станаа популарни многуте изјави на Бил Гејтс во кои предупредува токму за ризик од пандемија уште од 2015 година. Сепак, кога веќе сме во кашата која сами си ја подготвивме, поважно е да се анализира односот и реакцијата на различните држави и култури за време на пандемијата.
Додека се наближувa пикот на корона вирусот во западниот свет, Европа е главното жариште, Кина има помал број на активни случаеви отколку бројот на новоткриени дневни случаеви во Шпанија. Од друга страна, Америка и Италија се најдоа на врвот на листата со вкупен број на заболени и нивниот број секојдневно вртоглаво расте. Овие податоци се шокантни со оглед на тоа што голем дел од државите на врвот на листата се сметаат за едни од најразвиените и најмоќните држави во светот. Капацитетот и подготвеноста на азиските држави се покажаа многу поголеми отколку европскиот систем и тоа треба да не’ алармира дека неопходно е да се спроведат сериозни реформи во сите сфери. Покрај тоа што бројот во Европа одамна го надмина тој во Кина, процентот на смртни случаеви од тој момент направи огромен скок од 5,7% на 06.03.2020 до 16,3% на 26.03.2020 година. Ова генерално се должи на растот на бројот на смртни случаеви во Америка и Италија во споредба со Кина кога тие го достигнаа истиот број на вкупно заразени, со што Америка има двојно повеќе по глава на жител, а Италија пак 68 пати.
Во случајот на членките на Европската унија видовме огромно потфрлање на здравствениот систем, како и неспособност на целокупниот систем во неколку големи и клучни држави, а најголемото разочарување дојде од самата реакцијата на Унијата. Ќе остане запаметено дека таа на почетокот не понуди никаква вистинска помош на Италија освен искрени и силни пораки на солидарност во време кога бројот на заразени растеше за илјадници нови случаеви, а стотици други умираа. Да биде ситуацијата уште поболна, Кина, Куба, Венецуела и Русија беа меѓу првите кои се одзваа на билатералниот повик за помош на Италија со опрема и медицински персонал, кој беше од клучна важност во моменти кога крахира нивното здравство поради преоптовареност. Иако е јасно дека ова е политички чекор за да добијат поени преку искористување на вакумот создаден од ЕУ, Италијанците благодарно ја прифатија и запамтија секоја помош поради тоа што секој час е од клучно значење за спас на живот. Сето ова стигна дотаму што италијанскиот премиер јавно ја критикуваше Европската унија и нејзината летаргичност во однос на кризата, која беше изнесена уште од неколку челници на европски држави. Притоа, Џ. Конте се смета за дел од проевропскиот политички блок во Италија, кој според сите анкети го очекува тешка загуба на следните избори. Затоа очекувано е покачување на недовербата помеѓу самите земјите членки, но и ЕУ скептицизмот кај народот, особено во најпогодените земји, а со тоа и популарноста на порадикалните популистички партии кои со години ги собираат овие незадоволни гласови.
COVID-19 не потсети дека живееме заедно на една планета која е поврзана и засегната од сите случувања. Уште поважно, овој вирус не научи дека мораме да водиме сплотена и координирана борба за опстанок, а потоа мора да се засукаат ракави и да се направат огромни глобални реформи во голем број на сектори. Првенство мора да има здравството и финансирањето на истражувања, како универзалната вакцина за заштита од сите видови на грипови, но и многу поголемо вложување во медицинскиот персонал. Дополнително, очигледна е потребата од измени на образовниот систем и програмата при што многу повеќе би се опфатиле ваквите закани, како и начините со кои може да се спречи тоа при што би се истакнала и важноста од нивно почитување. Сето ова треба да ни служи како подготовка за следната пандемија во иднина, која ќе биде најопасна ако повторно биде зооноза поради тоа што ни се познати околу 0,18% од вирусите кај животните додека пак немаме никаков лек или вакцина против нив.
Пишува: Александар Каратошо


