Во врска со најавата на властите за ограничување на движењето на лица на возраст над 65 години до крајот на 2020 година, во јавноста се појавија голем број недоумици и отворен револт.
Во врска со вакавата најава реагираа и од Македонската народна партија со свое соопштение упатено до јавноста.
Истото го пренесуваме интегрално во продолжение:
“Ве повикуваме јавно да се откажете од намерата да воведете уште една фашизоидна мерка и лицата од 65 години и повеќе да ги ставите во целосен домашен карантин до крајот на годината. Станува збор за категорија од над 260 000 луѓе. До сега сите мерки кои ги донесовте ви се промашени. Доколку мислите дека со вакви ригорозни мерки, невидени досега во Република Македонија, ќе ќарите на време да одолговлекувате и што повеќе да бидете на власт, ние ве потсетуваме дека вашиот мандат измина. Полицискиот час како мерка е воведена само во Република Македонија и Србија и до таков ригорозен степен, да јасно се гледа намерата за целосна блокада на слободата на движење на народот. Како ќе објасните дека за викенд никој не смее од дома да излезе, а после и пред викендот, станува хаос по продавници, маркети и секаде каде што народот има потреба да оди ? Или тогаш нема толку голема опасност? Ова што го направивте со забраната за Христово Воскресение, нема потреба да го коментираме. Коментарите ги гледате од народот.
Ве повикуваме јавно и ве предупредуваме. Доколку не ги укинете најголемиот дел од мерките и доколку не ги олабавите истите до степен да може народот најнормално да си ги извршува своите фамилијарни и секакви други обврски, ние како Македонска Народна Партија, ќе го повикаме народот на целосна непослушност и ИЗЛЕГУВАЊЕ НА УЛИЦА се до ваше тргнување од власт. Ионака сте комплетно неспособни да водите држава и ги извршивте најголемите предавства во историјата на Македонија. На Македонија не и треба КОВИД 19 за да се прогласи пандемија.
Најголема пандемија или елементарна непогода за Македонија сте вие, затоа што од осамостојувањето до денес, кога и да сте на власт, катастрофи ја наоѓаат државата и народот. Вашите агенди и планови паѓаат во вода. Македонскиот народ има други планови, а вие не сте во нив. Ова е наша држава, Република Македонија, а не ваша и на вашите соработници. Укинете ги мерките, поднесете си оставка и заминете си достоинствено од политичката сцена.
Поднесете си оставка, барем како морален чин и оставете други поспособни да се справат со проблемите кои вие ги направивте со доаѓањето на Заев на власт.


