Доцна синоќа од страна на организаторите на утрешниот протест за правда за уставобранителите беше упатена информација до јавноста која ги содржи деталите за кодексот и текот на самиот протест.
Ова соопштение до МАкедонската јавност го пренесуваме во целост во продолжение:
“Најпрво Ви заблагодарувам на сите поединци, здруженија, организации и политички партии, за искрената поддршки која ја изразивте за протестот СЛОБОДА ЗА УСТАВОБРАНИТЕЛИТЕ за 25.04. оваа година.
Се надеваме дека поддршката ќе ја потврдите и со Вашето масовно присуство на самиот протест со што ќе покажеме единство , сплотеност, обединување за идејата за правда и слобода во Македонија.
Со оглед на сериозната состојба предизвикана од КОВИД пандемијата, очекувајќи масовна излезеност на поддржувачите на протестот, сакаме да обрнеме внимание до сите учесници на следново :
Ги замолуваме сите учесници да носат заштитна маска и да одржуваат потребно растојание согласно здравствените протоколи. Одговорноста за непочитување на здравствениот протокол секој поединец ќе си ја сноси индивидуално, организаторите се оградуваат од поединци или група која нема да ги почитува здравствените мерки.
Ги замолуваме учесниците на мирниот протест да се воздржат од скандирање и извикување на навредливи, вулгарни слогани и пароли по национална или политичка основа. Протестот мора да помине без дофрлување, навредување и омаловажување на полициските службеници кои ќе бидат во служба за време на протестот.
Од страна на организаторот ќе биде обезбеден мегафон преку кој ќе се презентираат пароли целосно посветени на самиот настан. Се забранува користење на мегафони од страна на други учесници и за други цели освен протестот за слобода на уставобранителите.
Ги замолуваме учесниците ,да преовладуваат пароли и транспаренти со содржина за поддршки на Уставобранителите, барање за нивно ослободување, правда во Македонија, слобода во Македонија. Од организаторот ќе бидат обезбедени 3 транспаренти кои ќе бидат на почетокот на групата, како и 30 пароли со соодветна содржина. Да се избегнеме масовна употреба на знамиња и обележја на една организација, здружение или партија. Протестот го организираме за Слобода на Уставобранителите е и семакедонски, а не политичка или било каква друга промоција.
Протестот мора да помине во достоинствена атмосфера без никакво нарушување на јавниот ред и мир . Ги замолуваме сите учесници да не дозволиме меѓусебно конфронтирање, омаловажување, потценување на било кој поединец или група. Во случај на предизвикување на нереди или проблеми, поединецот ќе биде опоменат од редарската служба или во случај на поголемо нарушување на редот и на полициските службеници.
Се забранува уништување на приватниот и јавниот имот и доколку тоа и се случи, секој ќе сноси лична одговорност.
Се надеваме дека овој ден ќе биде ден на големото обединување на сите кои ја сакаат Македонија, почитуваат човечките и национални вредности , и достоинствено ќе искажеме подршка на нашите неправедно осудени браќа. Од протестот ќе биде упатена Декларација за нивно ослободување и повторување на судскиот процес, до Организацијата на обединети нации, Амбасадите во Македонија, до Претседателот на Македонија, Претседателот на Собрание, Претседателот на Владата, ….. со цел истите да бидат запознаени со случувањата во македонското судство. Очекуваме дека конечно правдата ќе биде задоволена и нашите Уставобранители ослободени.
Ве очекуваме на 25.04.2021, во 11.00 часот пред Владата на Македонија.
Тој ден сите ќе бидеме победници.
Ќе победи МАКЕДОНИЈА.
Од Организаторот
Македонците во Светот”
-стои во соопштението на организаторите на утрешниот протест.


