“Воената моќ, покрај тоа што е најважна за одбраната на државата, е еден од параметрите по кој и на меѓународен план се цени колку е јака државата.
Значи, покрај политичката (дипломатијата), економската, информациската моќ, големината и способноста на воената компонента на една држава е јасен показател за тоа колку една држава е силна. Големината и способноста на вооружените сили на државите во цивилизираниот свет се и индикатор за развојот на економиите. Секоја година, global fire power ги рангира државите според нивната воена моќ. Македонија во 2021 година е рангирана на 133 место од вкупно 139 држави, односно имаме најслаба воена моќ во Европа.
Три години порано, во 2018 година, сме биле рангирани на 127 место. Значи имаме пад од неверојатни 6 места за само три години.
Иста влада, ист министер во 2018 и 2021, а пад од 6 места…Нешто не е како што треба, нели? Ајде да видиме каде е проблемот и зошто воената моќ на Македонија опаѓа наместо да расте.
Прво, структурата на буџетот е целосно популистички ориентирана, а не е насочена кон развој на капацитети и способности за потребите на одбраната. Значи, во основа на одбранбениот буџет не се планирани средства за одржување и за набавка на орудија со голема огнена моќ, туку се удира на гол популизам и ПР со цел замајување на јавноста.Второ, наместо да се одржуваат веќе постоечките борбени капацитети, политичкото раководство во МО реши да се откаже од истите бидејќи одржувањето чини пари, а очигледно е дека пари за таа намена НЕМА. Да не излезе дека нафрлам, еве ќе бидам конкретен и ќе изнесам дел од тоа што досега јавно е објавено во стратегиските документи.
Покрај откажувањето од борбената компонента на военото воздухопловство (за кое пишував пред 3 седмици и на кое одредени функционери се сеќаваат само кога им треба да го користат како такси за ручек во Кавадарци), политичкото раководство се откажа и од тенковската единица и од артилериско-ракетните единици.
Значи ако Бучковски во 2002 ги истопи како старо железо 100-те тенка кои на подарок ги примивме од Бугарија, во 2021 Шекеринска се откажува и од останатите 30-тината тенкови кои државата ги има купено, односно платено со пари на граѓаните. Со други зборови, политичкото раководство проценило дека на Македонија не и’ требаат ниту тенкови, ниту борбени хеликоптери ниту пак артилериско-ракетни единици. Да се потсетиме, во време на Бучковски како Министер за одбрана, се откажавме и од авионите. Е, ама затоа ќе се фалиме дека на “нашата Армија”, со народни пари и’ купивме нови униформи, чизми, спортска опрема и гуми.
Во меѓувреме, соседните земји ги модернизираат своите одбранбени капацитети и купуваат моќни огнени системи (погледнете една вежба на војската на Србија и ќе ви стане јасно за што зборувам). Модерните армии се модернизираат и со беспилотни системи со кои може да се постигне целта со што помал ризик за војниците, додека македонската држава чека донации ако некој се смилува да ни потфрли по некое гортекс одело, по некој тест за КОВИД итн…Кога сте Министер за одбрана, основно што треба да правите е да создавате услови за исполнување на Уставната обврска за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на државата.
Одбраната на државата е истовремено Уставна и света должност, а не само можност за личен ПР и себепромоција.Г-ѓо Шекеринска, одбранбениот систем и Армијата се градат 50 години, а ги употребувате само еднаш или дај Боже ниту еднаш. Уништувате капацитети што се градени со години и во кои се вложувани пари, време и нечиј труд.Погледнете се меѓу себе сите што ја дотеравте одбраната до ова дереџе и прашајте се зошто? Сакам да верувам дека е од незнаење, а не дека е намерно. Оти ако е намерно, тогаш има кривично дело.
Заклучно, на скалата на global fire power точно се гледа колкава воена моќ има Македонија, а со тоа се покажува и како однадвор не’ ценат како држава. Се срамите или се гордеете со тоа?
Не може тренирањето на хрватски магариња и набавка на лубриканти и презервативи, како и профитирањето од прегореното канцерогено масло да се поважни од градењето на системот за одбрана на државата, не?
Очигледно е дека разноразните парадирања и летања со параглајдери заради лично задоволство на избраните функционери им се поважни од Уставните и законски задолженија, а во крајна линија и од угледот на државата. Ете токму затоа сме последни во Европа и затоа се исмеваат со нас.”
-фејсбук коментар на Драган Ковачки- член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.