“Почитувани сограѓани, почитувани медиуми
Централната власт ги опструира градоначалниците на сите можни начини.
Сите сме свесни за потребата од изградба на Дом за стари лица во Кочани, чии услуги ќе ги користи целиот регион.
Оваа потреба и идеја за изградба на еден ваков Дом за стари лица, потекнува уште пред многу години, но подоцна со поддршка од Здружението на пензионери и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион беа обезбедени соодветни средства за почеток. Имено, во 2019-та година целосно изработениот проект е оставен на разгледување во Одделението за инвестиции при МТСП, после кој се корегирани сите наведени забелешки.
Подоцна, во 2020-та година со корегираната техничка документација е доставено барање за финансирање на проекти за изградба на капацитети за дневно згрижување и капацитети за давање на социјална услуга со средствата од Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2020-та година, за коешто во 2021 година, Домот за стари лица е СТАВЕН на листата за финасирање од Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2022 година. (Одлука на Влада на РСМ бр.40-13679/1-54). Но, во меѓувреме со назначување на новата министерка во МТСП, во месец септември 2021-ва е одржан дополнителен состанок на кој е побарана НОВА апликација, и НОВИ насоки за измена на веќепостоечката документација.
Сите побарани измени СЕ корегирани, но и понатаму се продолжува со НОВИ барања за измена на проектот за што се обезбедени дополнителни финансиски средства од општинскиот буџет во износ од 354.000 денари. Но, како една од побараните измени на планот е, да се намали габаритот на објектот како и капацитетот на домот од 148 лица, (како што претходно е договорено) на 50 лица, на кое Општина Кочани и Здружението на пензионери не се согласија, а воедно ова би претставувало и изработка на комплетно НОВА техничка документација. На ова, Општина Кочани после многубројните извршени корекции, напори, вложени финанскиски средства и човечки ресурси во допис до МТСП бара проектот комплетно да се реализира онака како што првично е замислено и договорено, бидејќи планираниот Дом за стари лица е од огромна важност за целиот Источен регион, бидејќи сите сме свесни за секојдневното иселување на младите луѓе и потребата за згрижување на сите постари лица. На ова, одговорот од МТСП е дека предвидените и резервирани средства од Буџетот на министерството не можат да се искористат и реализираат и апликацијата за изградба на Дом за стари лица во Општина Кочани ќе биде тргната од Програмата за 2022-ра година.
Што кажува ова??
Намерна, и недвосмислена опструкција на Локалната власт од страна на МТСП. Според сите овие податоци останува да се чудиме зошто централната власт и МТСП попречуваат проект кој навистина е од голема важност и потреба, не само за нашата општина, туку и за целиот регион. После сите овие сознанија, се наметнува и прашањето дали можеби овој добро изработен и подготвен проект е спречен, сѐ со цел да се чека да биде почнат во некои други времиња, под раководство на некоја друга власт?! Дали дотогаш граѓаните треба да чекаат на политичката волја на централната власт? “
-Интегрален текст на Прес конференција на Васе Алексов – Претседател на Патриотски институт при ВМРО-ДПМНЕ Кочани и член на Совет на општина Кочани