Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод 23-Мај Националниот ден на Власите упати честитка до припадниците на оваа заедница во Република Македонија.
Во честитката Мицкоски го истакнува придонесот на Власите во градењето на Република Македонија како значајно голем при што го констатира заедништвото на Власите со останатите припадници на заедниците во Македонија.
Во продолжение во целост ја пренесуваме честитката на Христијан Мицкоски:
“Дозволете ми во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, на сите припадници на влашката етничка заедница да им го честитам празникот 23-ти мај – Националниот ден на Власите.
Овој значаен ден за Влашката заедница претставува афирмација на нивната култура и традиција.
Нивниот придонес за градењето на основните човечки вредности во нашето општество, но и во изградбата на нашата заедничка држава Македонија е значајно голем.
Денес власите исто како и другите заедници поминуваат низ заедничките предизвици, економска неизвесност, здравствена криза, несигурност и ерозија на моралните вредности наметнати од неодговорното лидерство на државата. Положбата на заедниците не се подобрува со убави зборови, туку со работа, стратегија и конкретен план.
Во овие тешки моменти за нашата земја посакувам добро здравје, надминување на предизвиците и подобар живот за Власите и за сите граѓани на Република Македонија.
Нека ваквите празници бидат повод за заедничка заложба за благосостојбата и просперитет на нашата држава.”


